Конференции

Петта SEENSA конференција

Скопје, 20 мај 2015 година

 

Во ко-организација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Советот за регионална соработка (RCC) на ЕУ со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина, на 20 мај 2015 година во Скопје се одржа Петтата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). Со оваа конференција беше обележан мал јубилеј на иницијативата за средба на директорите и раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа којашто започна во мај 2011 година во Софија, Република Бугарија.
На конференцијата учествуваа претставници на националните безбедносни авторитети на седум земји од регионот, и тоа на Бугарија, на Босна и Херцеговина, на Косово, на Македонија, на Словенија, на Србија и на Црна Гора, предводени од директорите и од високи претставници на службите. Од страна на земјата домаќин, на конференцијата учествуваше и претставник на Министерството за надворешни работи, од Секторот за безбедносни прашања во Директоратот за организациони работи.

Конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“

20-23 октомври 2014 година, Сараево

 

Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на првата конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“ што се одржа во Сараево, во периодот од 20 до 23 октомври 2014 година, во организација Секторот за заштита на тајни податоци - Државен безбедносен орган при Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина. Тие на конференцијата ги презентираа актуелните состојби и планови за развој во доменот на индустриската безбедност на класифицирани информации во Република Македонија.

Четврта конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA)

Сараево, 19-21 мај 2014 година

 

Во периодот од 19-21 мај 2014 година во Сараево, Босна и Херцеговина, се одржа Четвртата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа делегации на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Република Словенија, Република Србија и Република Црна Гора, како и заменикот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Џузепе Бенаси.
Акцентот на конференцијата беше ставен на дискусиите за сработената работа на тематските работни групи, како и на активностите што треба да се преземат во наредниот период. Делегацијата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја прифати понудата од коорганизаторите на конференцијата и на Регионалниот совет за соработка на ЕУ да биде домаќин на Петтата конференција на SEENSA што ќе се одржи во мај 2015 година.

Состанок на директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот

Љубљана, 28 ноември 2013 година

 

На состанокот на директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот што се одржа на 28 ноември 2013 година во Љубљана, Република Словенија, беа заземени заеднички ставови што се дадени во Завршната изјава со следниот текст:

„Директорите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот се сретнаа во Љубљана на Регионалниот состанок на шесте директори на националните безбедносни авторитети во Љубљана, Словенија (состанок RND – 6S).

Состанок на Република Македонија со НАТО Комитетот за политика и партнерство

17 декември 2013 година, Брисел

 

Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на 17 декември 2013 година учествуваше на Состанокот на Република Македонија со НАТО Комитетот за политика и партнерство што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел. На Состанокот се презентира ГНП на Република Македонија за 2013-2014 година, како дел од 15-от циклус на Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО.

Тркалезна маса за претставување на Компаративната анализа за практична примена на посебните истражни мерки (ПИМ)

12 декември 2013 година, Скопје

 

На 12 декември 2013 година ќе се одржи тркалезна маса за претставување на Компаративната анализа за практична примена за посебните истражни мерки во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Република Македонија и отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На тркалезната маса се поканети и претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации коишто на дебатата во врска со практичната примена на ПИМ и предлагањето решенија и препораки во пресрет на новиот Закон за кривична постапка, кој веќе стапи во сила, ќе се осврнат на надлежностите на судовите од доменот на работата и ракувањето со класифицирани информации.

Конференција на Мултинационалната работна група за индустриска безбедност (MISWG)

Виена, Австрија, 17-20 септември 2013 година

 

Во периодот од 17 до 20 септември 2013 година во Виена, Австрија, се одржа 28-та по ред Конференција на Мултинационалната работна група за индустриска безбедност (MISWG) на којашто прв пат учествуваше и Република Македонија со статус на земја-набљудувач. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја претставуваше директорот.

На конференцијата беа разгледани повеќе прашања од доменот на заштитата на класифицираните информации со посебен акцент на индустриската безбедност, презентирани преку националните извештаи на земјите учеснички.

Трета конференција за информатичка безбедност и сајбер одбрана (ISCD 2013) на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Балатон, Унгарија, 02.09.- 03.09.2013 година

 

Во периодот од 2-3 септември 2013 година, во Балатон, Унгарија, се одржа Третата конференција за информатичка безбедност и сајбер одбрана, на којашто учествуваше и директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Трета конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Драч, 27-29 мај 2013 година

 

Во периодот од 27 до 29 мај 2013 година во Република Албанија, во Драч, се одржа Третата конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

Акцентот на конференцијата беше ставен на извештаите за сработената работа на четирите работни групи што беа формирани на претходната конференција на SEENSA што се одржа во мај 2012 година во Република Словенија, како и на нивните понатамошни активности во пресрет на следната конференција на SEENSA најавена за мај 2014 година којашто ќе се одржи во Босна и Херцеговина.

Втора конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Брдо, 7-9 мај 2012 година

 

Во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, на Брдо, се одржа Втората конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и генералниот секретар на Советот за регионална соработка на ЕУ (RCC), г. Хидо Бишевиќ, заменик-директорот на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г. Дејвид Галовеј и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

Syndicate content