Заврши НАТО вежбата CMX - 2009

Скопје, 10 март 2010 година

 

Денес заврши здружената симулациона НАТО вежба – CMX 2009 во којашто Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации зеде активно учество со свои претставници вработени во Мисијата на Република Македонија при НАТО во Брисел и во Дирекцијата во Скопје, коишто беа поврзани со централниот штаб за вежбата лоциран во Центарот за управување со кризи.
Оценките за ефектите од вежбата и подготвеноста на учесниците ќе бидат соопштени на состанокот што денес попладне ќе се одржи во Седиштето на НАТО во Брисел, по што истите официјално ќе бидат доставени до сите учесници во вежбата.

Инспекција од НАТО

Скопје, 03-05 март 2010 година

 

Во периодот од 03-05 март 2010 година, како дел од редовните инспекции на Канцеларијата за безбедност на НАТО врз работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во посета на Република Македонија престојуваа г-дин Роберт Кајл и г-дин Јозеф Холубик, претставници на НАТО Канцеларијата за безбедност (NOS), како дел од МАП тимот од НАТО кој вршеше оценка на подготовките на Република Македонија за членство во НАТО. По извршената инспекција во сите домени на работата на Дирекцијата, претставниците на NOS дадоа високи оценки за истата, како и за напорите што ги вложува Дирекцијата за нејзино унапредување.

Вежба ,,CMX – 2009“

Скопје, 04-10 март 2010 година

 

Во периодот од 04 до 10 март 2010 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во рамките на своите законски надлежности, ќе учествува во заедничката симулациона НАТО вежба – ,,CMX 2009’’, чијшто носител е Центарот за управување со кризи. На вежбата во доменот на кризниот менаџмент ќе земат учество околу стотина претставници од државните органи и институциите на Република Македонија определени со Одлука на Владата на Република Македонија бр.51-913/1 од 16 февруари 2010 година.

Спортски ден

Скопје, 18 февруари 2010 година

 

На 18 февруари 2010 година беше одбележан денот на „Меѓународниот совет за воени спортови“ во организација на Армијата на Република Македонија.

На покана на командантот на Касарната „Гоце Делчев“, со цел промовирање на здравјето и физичката активност на вработените од сите институции коишто се лоцирани во Касарната, претставници од Дирекцијата учествуваа во спортските дисциплини мал фудбал со една екипа (10 учесници) и пинг понг (2 учесници). Во натпреварот на двојки во пинг понг, екипата на Дирекцијата го освои третото место.

Усогласување текст на спогодба со Француската Република

Скопје, 15-17 февруари 2010 година

 

Во периодот од 15 до 17 февруари 2010 година во Скопје, по покана на шефот на Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави,се одржа втората фаза од билатералните преговори за склучување спогодба за размена и реципрочна заштита на класифицирани информации меѓу владите на Република Македонија и на Француската Република. Во оваа втора фаза од билатералните преговори беше усогласена претходно договорената верзија на текстот на спогодбата, при што беа усогласени и последните експертски отворени прашања. Во тек се процедурите во двете земји за одобрување на конечната верзија на текстот на спогодбата, по што ќе следува нејзино потпишување.

Редизајн на веб-страницата на ДБКИ

Скопје, 30 декември 2009 година

 

На 30 декември 2009 година официјално беше промовирана редизајнираната веб-страница на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Проектот за редизајнирање на веб-страницата, којшто траеше два месеци, го изработи тим на информатичари од Дирекцијата.

Издадени безбедносни сертификати во 2009 година

Скопје, декември 2009 година

 

Во 2009 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за лица вработени во државните органи и институции издаде вкупно 4829 безбедносни сертификати, од кои национални - 3443; НАТО - 795 и ЕУ – 591. Воедно, Дирекцијата издаде и 1 дозвола за пристап до национални класифицирани информации за 1 странски државјанин.

Од областа на индустриската безбедност, Дирекцијата издаде 343 национални безбедносни сертификати, како и 3 НАТО безбедносни сертификати.

Инспекција на регистрите во Брисел и Монс

Белгија, декември 2009 година

 

Во декември 2009 година беше извршена редовна инспекција на регистрите за класифицирани информации на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации лоцирани во Мисите на Република Македонија при НАТО и ЕЗ во Брисел и во Врховната команда на НАТО (SHAPE) во Монс.

Усогласување текст на спогодба со Франција

Париз, 23-26 ноември 2009 година

 

Во периодот од 23 до 26 ноември 2009 година во Париз се одржа првата фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодбата со Владата на Француската Република коишто резултираа со договорена прва верзија на текстот на спогодбата. Со цел што поскоро да се усогласи финалната верзија на текстот на билатералната спогодба, делегациите на двете страни се договорија втората фаза од преговорите да се одржи во Скопје во втората половина на февруари 2010 година.

Спогодба со Полска

Скопје, 24 ноември 2009 година

 

На 24 ноември 2009 година, Министерот за надворешни работи на Република Македонија и Амбасадорот на Република Полска во Скопје ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Полска за заемна заштита на класифицирани информации. Во тек е процедурата за нејзина ратификација од страна на Собранието на Република Македонија.

Syndicate content