Работилница во организација на RACVIAC и Воената академија

Охрид, 12-14 мај 2015 година

 

Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации Учествуваа на работилницата на тема „Градење на сајбер издржливо општество во Југоисточна Европа“, што се одржа во периодот од 12 до 14 мај 2015 година во Охрид, во организација на Центарот за безбедносна соработка RACVIAC и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“- Скопје. Работилницата беше поддржана од Владата на сојузна Република Германија.

Посета на директорот на НСА на Словенија

Скопје, 14-16 април 2015 година

 

По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 15 април 2015 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Канцеларијата за заштита на класифицирани информации на Владата на Република Словенија. Делегацијата на Словенија беше предводена од директорот на Канцеларијата.

Истражувачка работилница од напредно ниво на тема „Подигање на степенот на свесноста за сајбер одбрана на Балканот“

Скопје, 17-19 март 2015 година

 

Во периодот од 17 до 19 март 2015 година, претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на истражувачката работилница од напредно ниво под наслов „Подигање на степенот на свесноста за сајбер одбрана на Балканот“ што се одржа во Скопје, спонзорирана од НАТО Програмата за мир и одбрана и организирана од страна на Евроатлантскиот младински клуб на Бугарија и Истражувачкиот центар за безбедност, одбрана и мир во Македонија.

Средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност

Брисел, 12 март 2015 година

 

На 12 март 2015 година во Седиштето на НАТО во Брисел, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се сретна со директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО. Целта на средбата беше заемно запознавање, информирање за тековните активности и за плановите за натамошен развој на Дирекцијата, како и за перспективите за поблиска соработка меѓу двете служби.

Именување нов директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации

Скопје, 20 јануари 2015 година

 

На 20 јануари 2015 година Владата на Република Македонија донесе Решение бр. 24-640/1 од 20.01. 2015 година за именување директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации

Спогодба со Кралството Шпанија

Мадрид, 5 ноември 2014 година

 

На 5 ноември 2014 година во Мадрид, Шпанија, е потпишана Спогодбата меѓу Шпанската влада и Македонската влада за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Македонската влада Спогодбата ја потпиша г.Слободан Чашуле, македонски амбасадор во Кралството Шпанија, а во име на Шпанската влада, Спогодбата ја потпиша г.Феликс Санз Ролдан, државен секретар, директор на Националниот центар за разузнавање на Кралството Шпанија.

Прв состанок на тематската работна група на SEENSA за сајбер одбрана

23 октомври 2014 година, Белград

 

Македонска делегација, составена од двајца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација, учествуваше на првиот состанок на тематската работна група на SEENSA за сајбер одбрана што се одржа во Белград, на 23 октомври 2014 година, во коорганизација на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на класифицирани информации при Владата на Република Србија и Регионалниот совет за соработка на ЕУ. На состанокот, делегацијата ги презентираше актуелните состојби и законските прописи во доменот на сајбер одбраната во Република Македонија.

Конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“

20-23 октомври 2014 година, Сараево

 

Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на првата конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“ што се одржа во Сараево, во периодот од 20 до 23 октомври 2014 година, во организација Секторот за заштита на тајни податоци - Државен безбедносен орган при Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина. Тие на конференцијата ги презентираа актуелните состојби и планови за развој во доменот на индустриската безбедност на класифицирани информации во Република Македонија.

Рефлективен семинар за ЗБОП

6-9 октомври 2014 година, Скопје

 

Во периодот од 6-9 октомври 2014 година во Скопје се одржа Рефлективниот семинар за Заедничка надворешна политика (ЗБОП) на ЕУ со што беше заокружен циклусот обуки за 2014 година во рамките на Програмата за обука за ЗБОП наменета за земјите членки на Процесот за стабилизација и асоцијација. Реализацијата на циклусот обуки за ЗБОП оваа година за прв пат беше поддржан од TAIEX инструментот на Европската комисија. Обуката ја спроведе Европскиот колеџ за безбедност и одбрана (ЕКБО), а twinning партнери и коорганизатори на семинарот во Скопје беа Министерството за одбрана и спорт на Република Австрија, како еден од иницијаторите на програмата за обука, и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, со поддршка на Министерството за одбрана на Република Македонија.

Потпишана Спогодба со Унгарија

Скопје, 3 јули 2014 година

 

На 3 јули 2014 година во Скопје е потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Унгарија, Спогодбата ја потпиша г. Михали Зала, директор на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија.

Syndicate content