Висока конференција: Безбедносната политика на Европа – дипломатија, одбрана и развој12-15 септември 2011, Охрид
Во периодот од 12 до 15 септември 2011 година во Охрид се одржа конференција под наслов „Висока конференција: Безбедносната политика на Европа – дипломатија, одбрана и развој“. Конференцијата се одржа во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација за 2011 година, во коорганизација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Европскиот колеџ за безбедност и одбрана (ЕКБО), при што Австрија, како еден од иницијаторите на програмата за обука, беше twinning партнер за овој настан. На Конференцијата учествуваа претставници од: Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Германија, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Присутните ги поздравија г. Јован Андоновски државен советник во Секретаријатот за европски прашања на Република Македонија и генерал-мајорот Јохан Пухер, директор на Директоратот за безбедносна политика од австриското сојузно Министерство за одбрана и спорт. Клучно обраќање на конференцијата имаше г. Вернер Фаслабенд, поранешен министер за одбрана на Република Австрија. Работата на Конференцијата се одвиваше во неколку панели коишто ги модерираа директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и д-р Јохан Рехл, австриски претставник во Управниот комитет на ЕКБО и началник на оддел во Директоратот за безбедносна политика при сојузното Министерство за одбрана и спорт. Во рамките на панелот на тема „Европски интеграции – аспекти на ЗНБП/ЗБОП“ свои излагања имаа д-р д-р Ивица Јосифовиќ, професор на ФОН, г-ѓа Инес Троха-Брдар, раководител на сектор во Министерството за надворешни работи и европски интеграции на Република Хрватска, и г. Филип Агатонос, експерт за ЗБОП од Министерството за надворешни работи на Република Австрија. Д-р Свен Бископ, директор за Европа во Светската програма на Институтот Егмонт – Кралски институт за меѓународни односи во Белгија, г. Ханс-Бернард Вајсерт, в.д. директор на Европскиот колеџ за безбедност и одбрана, и д-р Лидија Георгиева, професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет Скопје, имаа свои излагања во рамките на панелот на тема „Новата институционална поставеност - улоги и одговорности“, додека г. Адам Сова, заменик-извршен директор на Европската агенција за одбрана, имаше презентација на тема „Развојот на европските способности“. За стратешките димензии на ЗБОП и Западниот Балкан на Конфернцијата зборуваше г-ѓа Вероника Ен Коди, заменик директор на Дирекцијата за кризен менаџмент и планирање при Европската служба за надворешно дејствување, додека д-р Густав Линдстром, шефот на Евро-атлантската безбедносна програма при Женевскиот центар за безбедносна политика даде осврт на сеопфатниот пристап на ЗБОП. Стекнатите сознанија од областа на безбедносната политика на Европа, дипломатијата, одбраната и развојот, учесниците на Конференцијата ги сумираа во работни групи на коишто ги извлекоа позитивните аспекти од истите. |