Меѓународна конференција во Охрид

Охрид, 29-30 јуни 2009 година

 

Во периодот од 29-30.06.2009 година во Охрид, во хотел „Инекс Горица“, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа меѓународна конференција на тема „Искуствата на НБА од подготовките и по зачленувањето во НАТО“. На Конференцијата зедоа учество делегации од националните безбедносни авторитети на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешка и Црна Гора, предводени од нивните директори или заменици-директори. На Конференцијата учествуваше и заменик-директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО од Брисел. Од страна на Република Македонија, покрај претставници на Дирекцијата како домаќин на Конференцијата, учествуваа и претставници од регистрите за класифицирани информации на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации од повеќе министерства од земјата коишто директно се вклучени во работата со класифицирани информации, а со тоа се и во тесна соработка со Дирекцијата.

Целта на меѓународната конференција беше да се интензивираат веќе постојните и да се воспостават блиски односи со националните безбедносни авторитети на земјите со коишто Република Македонија отпочнала или ќе отпочне активности за склучување билатерални спогодби за размена и заемна заштита на класифицирани информации. Воедно, целта на Конференцијата беше уште еднаш да се истакнат определбите на земјите од регионот и пошироко од Европа за заедничка безбедносна политика и унапредување на добрата волја и соработка преку размена на искуства по прашања од сите аспекти на безбедноста на класифицираните информации при подготовките и по зачленувањето во НАТО.

Општиот заклучок на сите учесници на Конференцијата беше дека поставените цели беа исполнети во целост. Тоа уште еднаш ги потврдува напорите што Дирекцијата ги вложува за унапредување на својата билатерална и меѓународна соработка на полето на безбедноста на класифицираните информации.

На 29.06 2009 година во Охрид, во рамките на Конференција, беше потпишана и Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Кабинетот на министри на Украина за заемна заштита на класифицирани информации.