Која е постапката за издавање безбедносен сертификат за физичко лице вработено во државна институција?

 

За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирани информации.

За да отпочне постапка за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на овластеното лице, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето мора да бидат приложени и:

  • безбедносен прашалник;
  • изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;
  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и
  • биографија.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат кое ќе биде доставено до Дирекцијата, од страна на овластените лица, мора јасно да биде наведено за каков вид и степен на безбедносен сертификат се однесува барањето.

Постојат два вида безбедносни сертификати коишто ги издава Дирекцијата, и тоа: безбедносен сертификат за физичко лице и безбедносен сертификат за правно лице.

Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со НАТО или со ЕУ класифицирани информации.Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални безбедносни сертификати до највисокиот степен „Државна тајна“. За НАТО и ЕУ класифицирани информации Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава безбедносни сертификати до степен „Строго доверливо“, со оглед на потпишаните договори на билатерална основа помеѓу Република Македонија и НАТО, односно Република Македонија и ЕУ.

За издавање безбедносен сертификат со степен:

  • Државна тајна – се пополнува безбедносен прашалник Образец „А“;
  • Строго доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Б“;
  • Доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „В“;
  • Интерно – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Г“.

Кандидатот своерачно ги пополнува безбедносниот прашалник и изјавата при што треба да се внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.

Кандидатот за добивање безбедносен сертификат задолжително ги потполнува и ги потпишува безбедносниот прашалник и изјавата со која се согласува да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку безбедносниот прашалник и изјавата не бидат потпишани, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

По спроведувањето на целата постапка, доколку се утврди дека се исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирни информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе издаде соодветен безбедносен сертификат.

Безбедносните сертификати се доставуваат до овластеното лице во институцијата во којашто е вработено лицето. Овластеното лице треба да изврши запознавање (брифирање) на лицето на коешто му е издаден безбедносниот сертификат со обврските и одговорностите од Законот за класифицирани информации при работа со класифицираните информации.