Која е постапката за издавање безбедносен сертификат на физички лица вработени во фирми?

 

За да може едно правно лице да поднесе барање за добивање безбедносни сертификати за своите вработени, потребно е барањето да биде проследено до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации преку надлежната државна институција во којашто е ангажирано претпријатието. Барањето може да биде поднесено до Дирекцијата и од страна на самото претпријатие, но само во случај кога во огласот е наведено дека претпријатието треба да поседува безбедносни сертификати за своите вработени пред да учествува на тендерот. Во тој случај, кон приложените документи за добивање безбедносни сертификати, мора да биде приложена и копија од огласот во кој јасно ќе се види дека на претпријатијата кои ќе учествуваат на тендерот им се бара да приложат безбедносни сертификати.

Во барањето за издавање безбедносни сертификати кое ќе биде доставено до Дирекцијата задолжително е јасно да бидат наведени: степенот и видот на безбедносниот сертификат кој се бара да биде издаден, причината поради која се бара издавањето на сертификатите, времетраењето на активноста за која е потребно добивање на сертификатите, како и одговорното лице во претпријатието кое ќе биде надлежно за извршување на обврските во претпријатието коишто произлегуваат од Законот за класифицирани информации и пропратните уредби.

Кон барањето задолжително се приложува и:

  • безбедносен прашалник;
  • изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;
  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа;
  • биографија;
  • уверение од надлежен суд дека не е одземена деловната способност

За издавање безбедносен сертификат со степен:

  • Државна тајна – се пополнува безбедносен прашалник Образец „А“;
  • Строго доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Б“;
  • Доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „В“;
  • Интерно – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Г“.

Кандидатот своерачно ги пополнува безбедносниот прашалник и изјавата при што треба да се внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и тој нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.

Кандидатот за добивање безбедносен сертификат задолжително ги потполнува и ги потпишува безбедносниот прашалник и изјавата со која се согласува да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку безбедносниот прашалник и изјавата не бидат потпишани, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

По спроведувањето на целата постапка, доколку се утврди дека се исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирни информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во зависност од потребата, ќе издаде соодветен безбедносен сертификат или документ со кој правното лице, пред надлежните органи, ќе може да докаже дека на неговите вработени им е дозволен пристап до класифицирани информации.