Обука за Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност

Скопје , 14-18 декември 2015 година

 

Во периодот од 14 до 18 декември 2015 година, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на обуката за „Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност“ (CFSP and cyber security) што се одржа во организација на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во Центарот за обуки на Секретаријатот во Скопје.
Обуката беше организирана во рамките на петтиот циклус на обуки на Норвешкиот проект: Одржлив систем на ЕУ обуки и учењe, чијашто цел е зајакнување на аналитичките капацитети на работните групи за подготовка на НПАА, во подготовка на првата фаза на преговори (аналитички преглед на acquis). Како резултат на тоа, обуката беше наменета за вработени од СЕП и за лица коишто се членови на соодветните НПАА поглавја: 31 - Заедничка надворешна и безбедносна политика и 24 - Правда, слобода и безбедност, односно за лица со активно членство во НПАА работните групи и координативните структури за работа на подготовката, ревизијата и мониторингот на НПАА. Целта на обуката Програма 5 беше јакнење на аналитичките капацитети и напредно знаење во областа на Заедничката надворешна безбедносна политика (CFSP) и Заедничката одбранбена и безбедносна политика (CDSP).

Курс на тема „Програма за студии по сајбер одбрана“

Гармиш Партенкирхен, 30 ноември 2015 – 17 декември 2015 година

 

Претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше во Програмата за студии по сајбер одбрана што се одржа во Европскиот центар за обука „Џорџ С. Маршал“ во Гармиш Партенкирхен, Германија. Учеството беше организирано под покровителство на Канцеларијата за соработка во одбраната од Американската амбасада во Република Македонија. Целта на обуката беше разгледување на домашните и меѓународните предизвиците во сајбер одбраната во насока на проучување на природата и тежината на денешните закани.

НАТО курс за менаџирање со информациите

Оберамергау, 30 ноември - 04 декември 2015 година

 

Во периодот од 30 ноември до 04 декември 2015 година во НАТО Школата во Оберамергау, Германија се одржа НАТО курс за менаџирање со информациите (NATO Information Knowledge Management - IKM) на којшто учествуваше претставник на Дирекцијата. Обуката беше фокусирана на запознавање со обврските и предизвиците во планирањето и извршувањето на процесот на менаџирање со НАТО информации.

Состанок на Директорите на Националните безбедносни авторитети од регионот во формат 6S

Подгорица, 23 ноември 2015 година

 

На 23 ноември 2015 година во Подгорица, Република Црна Гора се одржа третиот состанок на директорите на Националните безбедносни авторитети на земјите од поранешните југословенски републики (формат 6S). Согласно востановената пракса, целта на состанокот на директорите на земјите од регионот беше зајакнување на регионалната соработка на полето на класифицираните информации преку конкретни предлози што беа предмет на дискусија и одлучување. Земјите учеснички, преку укажување на предизвиците со коишто се соочуваат поединечно и во регионални рамки и преку идентификација на можностите и начините за нивно надминување создадоа основа за понатамошна соработка на полето на заштитата на класифицираните информации.

Семинар за заштита на класифицирани информации

Скопје, 19 ноември 2015 година

 

Во соработка со Управата за финансиско разузнавање на Република Македонија, а под покровителство и организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на 19 ноември 2015 година во Скопје одржа семинар за заштита на класифицирани информации. Целта на семинарот беше запознавање на вработените од Управата за финансиско разузнавање со безбедносните стандарди за заштита на класифицирани информации како и подигање на безбедносната свест на вработените при ракување со класифицирани информации. Семинарот беше одржан во рамките на проектот „Јакнење на институционалната структура и капацитетот на Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Финансиското разузнавање за справување со транснационалните закани, со посебно внимание на борбата против сериозниот и организираниот криминал“, финансиран и координиран од страна на ОБСЕ.

Предавање за заштита на класифицирани информации

Скопје, 11 ноември 2015 година

 

На 11 ноември 2015 година на Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа предавање на тема: „Заштита на класифицирани информации“. На предавањето беа присутни студенти од сите 3 циклуси на студии. По предавањето, директорот оствари средба со деканот на Факултетот со цел отпочнување на иницијатива за потпишување меморандум за соработка помеѓу двете институции.

Конференција за сајбер безбедност за земји во развој

Истанбул, 26-27 октомври 2015 година

 

На 26 - 27 октомври 2015 година, во Истанбул, Турција се одржа конференција на тема сајбер безбедност за земји во развој на којашто учествуваа двајца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Дискусиите на конференцијата беа фокусирани на стандардите за заштита од сајбер напади и добивање компаративни сознанија за организираноста на националните структури за сајбер безбедност, вклучувајќи ги и националните ЦЕРТ тимови во земјите што всушност беше цел на конференцијата. Конференцијата беше организирана под покровителство на UNDP, EU и France Expertise.

Заштита на критичната инфраструктура / клучните структури во, од и низ сајбер просторот

Гармиш Партенкирхен, 22-23 октомври 2015 година

 

На покана на Европската команда на САД преку овластено лице во Амбасадата на САД во Република Македонија, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на интернационална сајбер конференција на тема „Заштита на критичната инфраструктура / клучните ресурси во, од и низ сајбер просторот“. Конференцијата се одржа на 22 и 23 октомври 2015 година во Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ С. Маршал“ Гармишпартен Кирхен, Германија. На конференцијата експерти од САД се осврнаа на актуелни теми од сајбер безбедноста и притоа акцентот беше ставен на стандардизацијата на безбедноста на сајбер просторот и заштитата на критичната инфраструктура во, од и низ сајбер просторот.

Интегриран курс за земји Партнери (IPOC)

Рим, 18-24 октомври 2015 година

 

Претставник на Дирекцијата учествуваше на Интегрираниот курс за земји Партнери (IPOC) што се одржа во периодот од 18-24 октомври 2015 година во НАТО колеџот во Рим, Италија. Фокусот на обуката беше унапредување на знаењето на учесниците за НАТО Алијансата, за нејзините мисии, за нејзината улога и приоритети, за нејзината внатрешна структура и организација, како и за нејзините надворешни односи со земјите партнери и меѓународните организации. На курсот акцент беше ставен и на начините на коишто секој од овие елементи се развива како резултат на промените и новите предизвици во меѓународното безбедносно опкружување.

НАТО курс за европска безбедносна соработка

Оберамергау, 04 – 17 октомври 2015 година

 

Во периодот од 4 до 17 октомври 2015 година, претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на НАТО курсот за европска безбедносна соработка (NATO European Security Cooperation Course) што се одржа во НАТО Школата во Оберамергау, Германија. Фокусот на обуката беше насочен кон унапредување на знаењето за тековното безбедносно опкружување во Европа и градење доверба и заемно разбирање меѓу претставниците на земјите членки на НАТО и на Партнерството за мир.

Syndicate content