Семинари и обуки

TAIEX Студиска посета на Република Словенија

Љубљана, 9-13 јули 2018 година

 

Во периодот од 09–13.07.2018 година инспекторите за безбедност на класифицирани информации реализираа студиска посета на Република Словенија, на тема инспекциски надзор и казнени одредби. Студиската посета беше организирана во соработка со НСА Словенија, со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија. Ефективни работни денови беа од 10-12.07.2018 година во просториите на НСА Словенија.
На обуката свое излагање имаа лица вработени од НСА Словенија, Милан Тарман – државен секретар, Војко Кос – виш советник инспектор во МВР и Јоже Крањц – виш советник инспектор во МО.

Регионална работилница во доменот на справувањето со тероризам и со кривичните дејства што се поврзани со насилен екстремизам

Тирана, 30 мај 2018 година

 

На 30 мај 2018 година во Тирана, Албанија, во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC) од Сараево и Министерството за правда на Албанија, се одржа Регионалната работилница за службите за спроведување на законот/судските власти во доменот на справувањето со тероризам и кривичните дејства што се поврзани со насилен екстремизам. Настанот беше организиран под покровителство на ЕУ како составен дел од проектот на Центарот за демократска контрола над вооружените сили (DCAF) за регионални активности за спречување и справување во насилен екстремизам, спонзориран со IPA II 2016.
На работилницата учествуваа претставници на судските власти, јавните обвинителства и на националните безбедносни авторитети на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, како и гости од меѓународните организации и организациите партнери присутни во земјата.

TAIEX Работилница во врска со заштитата на чувствителните информации

Скопје, 22-23 март 2018 година

 

PictureСо поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија, на 22 и 23 март 2018 година во хотелот „Холидеј Ин“ – Скопје, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја организира работилницата со наслов „Чувствителните информации во областа на бизнисот, банкарството и ревизијата – правни решенија и практики“. Работилницата ја отвори директорот на Дирекцијата д-р Стојан Славески, а предавачи беа експерти од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија и од националните безбедносни авторитети на Република Бугарија, на Република Хрватска и на Кралството Шпанија.
Целта на оваа дводневна работилница беше добивање компаративни сознанија, размена на искуства и унапредување на знаењата на учесниците за третманот на класифицираните и чувствителни информации во сферата на бизнисот, банкарството и ревизијата. Заради интегрирање на различните искуства што произлегуваат од секојдневната практична работа со класифицирани и чувствителни информации, на работилницата активно учество земаа претставници од државни институции, ревизорски тела, деловни банки, компании од приватниот сектор, невладини организации и клучни институции од критичната инфраструктура и безбедносниот сектор на Република Македонија.

Семинар за промоција на „Методологијата за изработка на процена на ризик за информатичка безбедност“

Скопје, 4 мај 2017 година

 

На 04 мај 2017 година во хотел Солун во Скопје се одржа семинар за промоција на „Методологијата за изработка на процена на ризик за информатичка безбедност“, проект финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и организиран во соработка со Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Учесниците на семинарот беа запознаени со текот на проектот и со изработката на Методологијата во соработка со Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија, како и со видувањата за одржливоста на проектот, за евалуацијата на изработената методологија и за идните перспективи во однос на нејзината имплементација од страна на поголем број државни институции во Република Македонија.

TAIEX Работилница од доменот на сајбер безбедноста

Скопје, 20-21 април 2017 година

 

На 20-21 април 2017 година во хотел Арка во Скопје се одржа работилницата на тема „Улогата на Националниот безбедносен авторитет во процесот на воспоставување и оперативната работа на тимот за одговор на сајбер инциденти (CIRT)“, организирана од страна на ДБКИ и поддржана од ТAIEX инструментот на Европската комисија. На работилницата учествуваа педесетина учесници, и тоа претставници на ДБКИ и претставници на државни органи од земјата коишто имаат надлежности или учествуваат во работата на националниот тим за одговор на сајбер инциденти (CIRT).
Гости предавачи на работилницата беа претставници на CIRT авторитетите од Хрватска, Чешка и Финска и претставник на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, како и претставници на македонскиот CIRT (MKD-CIRT).

Cyber Czech 2016

Брно, Чешка Република, 28 февруари 2017 – 01 март 2017 година

 

Тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во периодот од 28 февруари до 1 март 2017 година во Брно, Република Чешка учествуваа на техничка вежба за сајбер безбедност насловена како „Симулација на сајбер безбедност“ - (Cyber Security Simulation), која се одржа на Универзитетот Масарик. Настанот беше организиран од страна на Европската Комисија со помош на TAIEX инструментот, во соработка со Националниот безбедносен авторитет на Чешката Република. Покрај учесниците од Македонија, имаше претставници и од други балкански земји: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Вежбата беше одржана во кибернетскиот полигон во просториите на Институтот за информатика кој е во составен дел од Универзитетот Масарик во Брно. Овој настан беше спроведен во форма на симулација во затворено специјално модифицирана техничка средина.

ТAIEX Експертска мисија на тема „Инспекциски тимови за надзор над класифицирани информации: правна рамка, организациска...

Скопје, 06 - 07 декември 2016 година

 

На 06-07 декември 2016 година во експертска мисија, поддржана од TAIEX инструментот на Европската комисија, во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа претставник на Канцеларијата за безбедност на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ и претставник на Министерството за внатрешни работи на Република Словенија. Фокусот на експертската мисија беше ставен на инспекцискиот надзор, односно на правната рамка, поставеноста и програмите за работа на инспекциските тимови и на казнената политика.
Целта на експертската мисија беше размена на искуства и разгледување практични примери и можни решенија што би биле предмет на размислување при изработката на предлог-измените на Законот за класифицирани информации.

ТAIEX Работилница за интеракцијата меѓу законите за пристап до информации од јавен карактер, за заштита на личните податоци и...

Скопје, 29 - 30 ноември 2016 година

 

Четири претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на работилницата на тема „Интеракцијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со заштита на личните податоци и на класифицирани информации“, којашто се одржа на 29-30 ноември 2016 г. во Скопје во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со поддршка на ТAIEX инструментот на Европската комисија. На работилницата на којашто имаше гости предавачи од Германија, Естонија, Словенија, Шкотска и Шпанија, учествуваа претставници на државни органи од земјата – службени лица за посредување со пристапот до информации од јавен карактер.
Локалната перспектива за интеракцијата на трите закони со свои обраќања ја претставија претставници на Комисијата, на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Курс за генерали, адмирали и амбасадори (GFOAC)

Рим, 07-16 ноември 2016 година

 

Претставник на Дирекцијата учествуваше на Курсот за генерали, адмирали и амбасадори (GFOAC) што се одржа во периодот од 17 до 21 октомври 2016 година во организација на НАТО Колеџот во Рим, Италија. Првиот дел од обуката беше реализиран во Колеџот, додека вториот дел вклучи студиско патување во Брисел. Целта на овој курс беше зајакнување на заемното разбирање за актуелните безбедносни прашања и предизвици и за интересите и способностите на НАТО меѓу високо рангираните воени и поморски офицери и цивили, вклучувајќи ги и амбасадорите од НАТО и земјите членки на Партнерството за мир (PfP), Медитеранскиот дијалог (MD), Истанбулската иницијатива за соработка (ICI), Контакт земјите и Ирак.

Интегриран курс за земји Партнери (IPOC)

Рим, 17-21 октомври 2016 година

 

На Интегрираниот курс за земји Партнери (IPOC) што се одржа во периодот од 17-21 октомври 2016 година во НАТО Колеџот во Рим, Италија, учествуваше и претставник на Дирекцијата. Акцентот на обуката беше ставен на унапредување на знаењето на учесниците за НАТО, за нејзината улога и приоритети, за нејзината внатрешна структура и организација, за нејзините мисии, како и за нејзините надворешни односи со земјите партнери и меѓународните организации. Во дискусиите беше посветено внимание и на начините на коишто секој од овие елементи се развива како резултат на промените и на новите предизвици во меѓународното безбедносно опкружување.

Syndicate content