Состанок за заштита од сајбер напади

Скопје, 23 април 2013 година

 

На 23 април 2013 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во согласност со своите законски надлежности во доменот на информатичката безбедност на класифицираните информации, одржа работен состанок за информирање на учесниците за активностите што се преземаат во насока на дефинирање на потребите во Република Македонија за заедничка соработка меѓу државниот, јавниот и приватниот сектор во однос на безбедноста и заштитата од сајбер напади.
На состанокот зедоа учество претставници на надлежните министерства, на компании коишто припаѓаат на критичната инфраструктура и најголемите интернет сервис провајдери во земјата.

Меѓународна работилница за правните аспекти за борба против тероризмот

Охрид, 15.04.-19.04.2013 година

 

Во периодот од 15.04.-19.04.2013 година претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на меѓународна работилница што се одржа во Охрид под покровителство на Американската амбасада во Република Македонија на тема „Правните аспекти за борба против тероризмот/мировни операции“. Предавачи на оваа работилница беа експерти од САД. Работилницата беше наменета и на неа зедоа учество повеќе државни органи од безбедносните служби на Република Македонија.

Работилница за сајбер одбрана

Анкара, Турција, 08.04.-19.04.2013 година

 

Во периодот од 08.04 до 19.04 2013 година во заедничка организација на НАТО и на Република Турција, како и на соодветните служби на Грузија и на Канада, на Техничкиот универзитет на Средна Азија во Анкара, Република Турција, беше одржана двонеделна обука за претставници од Република Македонија на тема „Обука за сајбер одбрана на систем/мрежни администратори (Cyber Defence Training Course for System/Network Administrators). Претставниците на Дирекцијата имаа можност на оваа обука детаљно да се запознаат со теоретските и со практичните искуства на организаторите на насловната тема на работилницата. На обуката беше спроведена и вежба сврзана со сајбер напади и одбрана од нив.

Известување за промена на адресата на Дирекцијата

ноември 2012 година

 

Врз основа на известувањето на Град Скопје – Сектор за комунални работи, во согласност со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, од 29 ноември 2012 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се води на адреса ул. „Васко Каранѓелески“ бр. 8 (Касарна „Гоце Делчев“), 1000 Скопје. Другите податоци за контакт остануваат исти.

Посета на делегација за преговори на САД на Република Македонија

Скопје, 5-9 ноември 2012 година

 

Во рамките на активностите за влегување во договорна соработка со САД во доменот на размената и заштитата на класифицираните информации, во периодот од 5 до 9 ноември 2012 година делегација на Министерството за одбрана на САД оствари работна посета на Република Македонија. Посетата беше дел од процедурата за билатерални преговори меѓу Република Македонија и САД за склучување генерална спогодба за размена на класифицирани информации во делот на одбраната. Целта на посетата беше анализа на постојната легислатива во Република Македонија за заштита на класифицираните информации и на конкретните услови за чување и ракување со класифицирани информации во рамките на државните органи и компании за наменско производство заради утврдување на компатибилноста на легислативите и практиките за ракување со класифицирани информации во двете земји.

Прва фаза од билатералните преговори со Кралството Шпанија

Мадрид, 02-04 октомври 2012 година

 

Во периодот од 2 до 4 октомври 2012 година на покана од Националниот безбедносен авторитет на Кралството Шпанија, во Мадрид ќе престојува Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, предводена од директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Работната средба на двете делегации ќе претставува прва фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на Република Македонија и на Кралството Шпанија.

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Будимпешта, 24-26 септември 2012 година

 

Во студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија, во Будимпешта, периодот 24-26 септември 2012 година престојуваа тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Студискиот престој беше организиран со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија. Акцентот на оваа посета беше ставен на ракувањето и заштитата со класифицираните информации од доменот на индустриската безбедност. Во тој контекст, размената на искуствата на двата национални безбедносни авторитета е од големо значење, како за унапредување на знаењата од доменот на индустриската безбедност така и во зацврстувањето на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Унгарија.

Најава за посета на тим на САД на Република Македонија

Скопје, септември 2012 година

 

Во рамките на процесот за билатерални преговори за склучување генерален договор за размена на класифицирани информации во делот на одбраната меѓу Република Македонија и САД, најавена е посета на тимот на Владата на САД на Република Македонија во периодот од 5 до 8 ноември 2012 година. Посетата на тимот на САД ќе биде искористена за разговори со делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави и за остварување повеќе работни средби со претставници на надлежните служби во Република Македонија.

Учество во меѓуресорската работна група за CIRT во Република Македонија

Скопје, септември 2012 година

 

Со одлука на Владата на Република Македонија формирана е меѓуресорска работна група за подготовка на акциски план за воспоставување Национално тело за справување со компјутерски инциденти (CIRT) во Република Македонија. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е активно вклучена во работната група со двајца претставници коишто даваат стручни совети во доменот на заштитата на класифицираните информации во комуникациско-информатичките системи.

Прв состанок на Тематската работна група за обуки на националните безбедносни авторитети на земјите од ЈИЕ (SEENSA ТWG T)

Софија, 12 септември 2012 година

 

Првиот состанок на Тематската работна група за обуки на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA ТWG), со којашто претседава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, се одржа на 12 септември 2012 година во Софија, Бугарија, како паралелен настан со меѓународната конференција на тема „Добрите практики во заштитата на класифицираните информации: постигнувања и потешкотии“ со којашто бугарската служба го одбележа својот 10-годишен јубилеј.
На состанокот на работната група беа презентира резултатите од десегашната работа и беа договорени следните активности за изработка на работните материјали за следната SEENSA конференција што ќе се одржи во мај 2013 година во Тирана, Албанија.

Syndicate content