|
Посети
TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Чешката Република
Прага, 25-27 јуни 2019 година
Во рамките на студиската посета за „Зајакнување на улогата на Националниот безбедносен авторитет: организациски, персонален и правен аспект“, а со поддршка на TAIEX инструментот на Европската Комисија, во периодот од 25-27 јуни 2019 година, тричлена делегација од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваше во Прага, Чешката Република, како гости на чешкиот Национален безбедносен авторитет. Целта на студиската посета беше запознавање со постојната организација на работата и законските надлежности на чешкиот авторитет, како и размена на искуства во однос на соработката со меѓународните организации и имплементацијата на ЕУ регулативата за заштита на класифицирани информации.
Посета на претставници на националниот безбедносен авторитет за класифицирани информации на САД (NDPC)
Скопје, 14 јуни 2019 година
Во периодот од 10-14 јуни 2019 година во Скопје претстојуваше делегација на националниот безбедносен авторитет за класифицирани информации на САД со цел остварување средби и водење разговори со соодветни авторитети во земјата за запознавање со националниот безбедносен систем за заштита на класифицирани информации. Крајната цел на посетата беше официјално иницирање билатерални преговори за усогласување на текст на Генерален договор за безбедност на информации (GSOIA).
Билатерални разговори со Постојаната мисија на Црна Гора во НАТО
Брисел, 21 декември 2018 година
Делегација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на 21 декември 2018 одржа билатерална средба со претставници на Постојаната мисија во НАТО на Република Црна Гора во Брисел, Кралството Белгија. Целта на посетата беше да се разменат мислења за олеснување на влезот на Република Македонија во НАТО со потпишувањето на пристапните преговори за влез како и за улогата на Дирекцијата како Национален безбедносен авторитет во процесот.
Пристапни разговори со НАТО
Брисел, 18-19 октомври 2018 година
Претставници на Дирекцијата беа дел од делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од Заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, која што во Брисел на 18-19 октомври 2018 година ги реализираше пристапните разговори со НАТО.
Посета на директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност
Скопје, 5-6 март 2018 година
По повод 14-годишнината од формирањето на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 5-6 март 2018 година во посета на Република Македонија престојуваше директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност, г-ѓа Венди А. Башнан.
Програмата за посетата на г-ѓа Башнан вклучи нејзино учество на советувањето со безбедносните служби што Дирекцијата го организираше на 5 март 2018 година на тема „Реформите во безбедносно-разузнавачката заедница во Република Македонија и интеграцијата во НАТО“, како и поединечни средби со раководителите на безбедносните служби при Министерството за внатрешни работи и при Министерството за одбрана, како и со раководителот на Агенцијата за разузнавање. За време на посетата на Скопје, г-ѓа Башнан имаше можност да се сретне и со националниот координатор на Република Македонија за подготовки за членство во НАТО, д-р Стево Пендаровски.
TAIEX Студиска посета на Државната комисија по сигурноста на информацијата на Република Бугарија
23-25 октомври 2017 година, Софија
Во рамките на „Студиската посета за размена на добрите пракси во областа на взаемната размена и заштита на класифицирани информации“, а со поддршка на TAIEX инструментот на Европската Комисија, во периодот од 23-25 октомври 2017 година, тричлена делегација од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа во Софија, Република Бугарија, како гости на бугарската Државна комисија по сигурноста на информацијата (ДКСИ).
TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Италија
Рим, 27-29 септември 2016 година
Во периодот од 27-29 септември 2016 година тројца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Италија, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија. Целта на оваа студиска посета беше размената на искуства и стекнување нови знаења од доменот на физичката безбедност на класифицираните информации и безбедноста акредитација на комуникациско-информатичките системи низ коишто се процесираат класифицирани информации.
TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Естонија
Талин, 23-25 август 2016 година
Во периодот од 23-25 август 2016 година, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија, беше реализирана TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Естонија. Тројца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја реализираа посетата со цел да разменат искуства и стекнат нови сознанија од доменот на сајбер безбедноста, со акцент на законската рамка, на моделите за практична соработка во регионален и меѓународен контекст, како и на научените лекции и применливи решенија во справувањето со новите предизвици.
Студиска посета на Брисел како втора фаза од обуката за Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност
Брисел , 18-21 април 2016 година
Претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации беше дел од групата што во периодот од 18 до 21 април 2016 година ја реализираше студиската посета на Брисел во организација на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) како втора фаза од обуката на тема „Заедничка надворешна безбедносна политика и сајбер безбедност“ - Програма 5: CFSP and cyber security (поглавја 31 и 24 од НПАА). Студиската посета беше организирана во рамките на петтиот циклус на обуки на Норвешкиот проект: Одржлив систем на ЕУ обуки и учењe, чијашто цел е зајакнување на аналитичките капацитети на работните групи за подготовка на НПАА, во подготовка на првата фаза на преговори (аналитички преглед на acquis).
Целта на обуката/студиската посета беше јакнење на аналитичките капацитети и напредно знаење во областа на ЗНБП и сајбер безбедноста преку непосредно запознавање со институциите на ЕУ и преку дискусии со странски предавачи и експерти на тековни прашања и прашања од интерес на евроинтеграциските процеси на Република Македонија.
TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Чешка
Прага, 7-10 март 2016 година
Во периодот од 7-10 март 2016 година тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Чешка, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија. Целта на оваа студиска посета беше размената и стекнување на нови искуства од доменот на сајбер безбедноста, со акцент на релевантната регулатива на ЕУ и на Чешката Република, искуствата на Чешка во изработката на стратегијата за сајбер безбедност и во изградбата на Националниот центар за сајбер безбедност, како и искуствата од доменот на заштитата од електромагнетно зрачење (ТЕМПЕСТ).
|
|
|