ул. „Васко Карангелески” бр.8 (Касарна „Гоце Делчев“) 1000 Скопје • + 389 2 3299 820
Република Северна Македонија

Дирекција за безбедност на класифицирани информации

Прашања и одговори

Прашања и одговори

Што е класифицирана информација?

Класифицирана информација е информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19). Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата.

Безбедносен сертификат е документ со кој се потврдува дека за физичкото или за правното лице не постои безбедносен ризик за пристап и ракување со класифицирани информации.

Согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19) секое лице кое има потреба од пристап до и работа со класифицирани информации мора да има безбедносен сертификат соодветен на степенот на класификација на информацијата или безбедносен сертификат со повисок степен.

Постојат два вида безбедносни сертификати коишто ги издава Дирекцијата, и тоа:

– безбедносен сертификат за физичко лице и
– безбедносен сертификат за правно лице.

Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со НАТО или со ЕУ класифицирани информации.
Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални и НАТО безбедносни сертификати до и вклучително степенот „ДРЖАВНА ТАЈНА”, додека за пристап до ЕУ класифицирани информации, Дирекцијата издава безбедносни сертификати до и вклучително „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“.
За користење на класифицирани информации означени со степенот „ИНТЕРНО“ не се врши безбедносна проверка и не се издава безбедносен сертификат.

Согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19), лицата кои работат со класифицирани информации потребно е да имаат безбедносен сертификат од соодветен вид и степен со цел задоволување на условите од доменот на персоналната безбедност при работа со класифицирани информации.
Секој државен орган потребно е да изработи систематизација на работните места во која јасно ќе наведе за која позиција каков безбедносен сертификат е потребен. За лицата кои ќе аплицираат за некое работно место за кое е потребно поседување безбедносен сертификат, или веќе работат на таква позиција, потребно е да се спроведе постапка за издавање соодветен безбедносен сертификат.
За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „Потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 41 од Законот за класифицирани информации(*).
За да отпочне постапката за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на офицерот за безбедност на класифицирани информации, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето задолжително е да бидат приложени и:

• пополнет безбедносен прашалник заедно со потпишана Изјава на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;

• фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и
• сертификат за положен тест (завршен курс) за класифицирани информации.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат што ќе биде доставено до Дирекцијата, од страна на офицерот за безбедност на класифицирани информации, мора јасно да биде наведено за кој степен на безбедносен сертификат се однесува барањето.

При пополнување на безбедносниот прашалник кандидатот треба да внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и тој нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.
Кандидатот задолжително ја потполнува и своерачно ја потпишува изјавата којашто претставува составен дел од безбедносниот прашалник. Со потпишување на изјавата кандидатот дава согласност да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку изјавата не биде потпишана, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

Доколку при учество на некоја активност (семинари, курсеви, состаноци и сл.) надвор од Република Северна Македонија се бара безбедносен сертификат, тогаш Дирекцијата, по барање на надлежниот орган, ќе издаде извод од НАТО или од ЕУ безбедносните сертификати за вработените во тој орган. Во барањето за извод од безбедносниот сертификат треба да се наведе датумот или периодот на одржување на активноста и називот на активноста. Во прилог на барањето треба да се достави фотокопија од важечка патна исправа.

Извод од безбедносен сертификат се издава врз основа на претходно издаден изворник. Степенот на изводот е еднаков на степенот на изворникот. Изводот од националниот безбедносен сертификат се врачува на кандидатот преку офицерот за безбедност во органот, а изворникот останува во Дирекцијата и кај органот во којшто е вработен кандидатот.