Согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 275/19), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е надлежна за заштитата на класифицираните информации и примената на меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации согласно со ратификуваните меѓународни договори, за вршење инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон и другите прописи од областа на класифицираните информации, како и за вршење на други работи утврдени со Законот за класифицирани информации(*).
Подетаљно, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, Дирекцијата:
-
обезбедува континуирано спроведување на меѓународните стандарди и нормативи во преземањето на мерките и активностите за заштита на класифицираните информации,
-
врши координација на активностите во обезбедувањето заштита на класифицираните информации со државните органи и институциите кои вршат размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации,
-
ги подготвува, организира, спроведува и го следи спроведувањето на мерките и активностите за обезбедување заштита на класифицирани информации кои на Република Северна Македонија и се отстапени на користење од странски држави и меѓународни организации,
-
презема активности за заштита на класифицирани информации отстапени од Република Северна Македонија на странски држави и меѓународни организации,
-
учествува во изготвување на планови и програми на Република Северна Македонија за членство во меѓународни организации од областа за обезбедување заштита на класифицираните информации,
-
планира и остварува меѓународна соработка за заштита и размена на класифицираните информации,
-
предлага мерки за унапредување на заштитата на класифицирани информации,
-
покренува иницијативи за склучување меѓународни договори со странски држави и меѓународни организации од областа на размената на класифицирани информации;
-
врши акредитација на комуникациско-информациски системи и процеси,
-
организира и спроведува обуки за безбедност на класифицирани информации,
-
врши инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и
-
врши други работи утврдени со закон.
Во размената и заштитата на класифицирани информации со НАТО и со Европската Унија, Дирекцијата ги врши задачите за:
-
координација и спроведување на безбедносните политики на НАТО и на Европската Унија во Република Северна Македонија, со цел обезбедување соодветно ниво на заштита на класифицираните информации согласно со ратификуваните меѓународни договори,
-
безбедност на комуникациите за избор, управување и одржување на криптографската опрема за пренос, обработка и чување на класифицираните информации,
-
спроведување безбедносна акредитација на комуникациско-информациските системи и процесите во кои се користат класифицирани информации,
-
• преземање мерки и активности за заштита на комуникациско-информациските системи од компромитирачко електромагнетно зрачење.
Во делот на управувањето со материјалите за криптографска безбедност на класифицирани информации и безбедното ракување, чување, дистрибуција и евиденција на криптоматеријалите, Дирекцијата врши надзор над имплементација на мерките што ги спроведува надлежниот орган.