Втора конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Брдо, 7-9 мај 2012 година

 

Во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, на Брдо, се одржа Втората конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и генералниот секретар на Советот за регионална соработка на ЕУ (RCC), г. Хидо Бишевиќ, заменик-директорот на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г. Дејвид Галовеј и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

На конференцијата присуствуваа и претставници на Кралството Велика Британија, на Република Естонија, на Кралството Луксембург, на Република Полска, на Унгарија, на Чешката Република и на Кралството Шпанија, коишто беа поканети од страна на домаќинот којшто со одржувањето на SEENSA конференцијата ја одбележа и десетгодишнината од своето постоење.

SEENSA форумот е од големо значење за регионалната соработка на земјите од Југоисточна Европа бидејќи Европа преку овој форум нуди широки можности за унапредување на меѓусебната соработка и разбирањето меѓу националните безбедносни авторитети.
На оваа конференција беа формирани четири работни групи: за обуки и образование за ракување и заштита на класифицирани информации, за сајбер-одбрана, за индустриска безбедност на класифицираните информации и за правната основа за размена и заемна заштита на класифицираните информации. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, односно Република Македонија стана лидер-нација на работната група посветена на обуките и образованието за ракување и заштита на класифицирани информации во којашто уште три други национални безбедносни авторитети ќе имаат раководна улога, и тоа на Република Бугарија, на Косово и на Република Словенија. Работната група има обврска да направи анализа на потребите на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот за обуки и едукација во доменот на заштитата на класифицираните информации и да изработи упатство и програма за обуки и едукација, при што ќе бидат утврдени капацитетите на земјите за спроведување на обуките, вклучувајќи ги просторните можности, предавачите и можностите за отпочнување електронска обука, односно обука на далечина. За исполнување на својата задача работната група доби целосна поддршка од RCC, од Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ и од NOS.
Резултатите на поставените задачи на работните групи ќе се сумираат на следниот состанок што ќе се одржи во септември 2012 година во Софија, Република Бугарија, како и на наредната конференција на SEENSA најавена за мај 2013 година којашто ќе се одржи во Република Албанија.