Посета на д-р Јохан Рехл на Република Македонија

Охрид 16-17 мај 2011 година

 

На 16 и 17 маj 2011 година, во посета на Република Македонија престојуваше д-р Јохан Рехл, претставник на Сојузното министерство за одбрана и спорт на Република Австрија. Посетата беше реализирана во насока на подготовките за одржување на првата Висока конференција на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство на Унијата, којашто ќе се одржи во периодот од 12 до 15 септември 2011 година во Охрид, во коорганизација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и на Европскиот колеџ за безбедност и одбрана, во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2011 година.

По барање на д-р Јохан Рехл, работната средба со директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации беше остварена во Охрид со цел гостинот да се запознае со локацијата на којашто ќе се одржи семинарот. По утврдување на можностите што ги нудат градот Охрид и хотелот „Инекс Горица“, беа договорени нацрт-програмата и главните теми на коишто ќе бидат фокусирани презентациите, како и процедурата за доставување на поканите до учесниците. Воедно, беше договорено настанот во септември да се одржи под називот „Висока конференција: Безбедносната политика на Европа – дипломатија, одбрана и развој“.

Подготовките за високата конференција продолжуваат и во скоро време ќе треба да се обезбедат предавачите на истата од македонска и од австриска страна. Тоа ќе бидат претставници од државни иинституции и од академски кругови, како и конкретни извршители во одредени одбранбени мисии и операции во коишто учествуваат државите.