Тирана, 30 мај 2018 година
На 30 мај 2018 година во Тирана, Албанија, во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC) од Сараево и Министерството за правда на Албанија, се одржа Регионалната работилница за службите за спроведување на законот/судските власти во доменот на справувањето со тероризам и кривичните дејства што се поврзани со насилен екстремизам. Настанот беше организиран под покровителство на ЕУ како составен дел од проектот на Центарот за демократска контрола над вооружените сили (DCAF) за регионални активности за спречување и справување во насилен екстремизам, спонзориран со IPA II 2016.
На работилницата учествуваа претставници на судските власти, јавните обвинителства и на националните безбедносни авторитети на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, како и гости од меѓународните организации и организациите партнери присутни во земјата.
Од дискусијата беа извлечени генерални согледувања дека во земјите на Западен Балкан постои релевантно законодавство и процедури за работа во контекст на процесирањето предмети што се поврзани со тероризам и насилен екстремизам, како и функционални служби коишто ги поседуваат неопходните вештини за справување со такви случаи. Воедно беше утврдено и дека се потребни континуирани специјализирани обуки за создавање соодветни човечки капацитети за справување со радикализацијата на групите граѓани по електронски пат, како и дека е потребно да се работи на унапредувањето на соработката меѓу органите за спроведување на законот и судските власти. Во таа насока беше акцентирано дека од голема важност е и континуираната преку-гранична соработка на релевантните органи на земјите од регионот, со цел обезбедување здружено справување со заканите.