Скопје, 29 - 30 ноември 2016 година
Четири претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на работилницата на тема „Интеракцијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со заштита на личните податоци и на класифицирани информации“, којашто се одржа на 29-30 ноември 2016 г. во Скопје во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со поддршка на ТAIEX инструментот на Европската комисија. На работилницата на којашто имаше гости предавачи од Германија, Естонија, Словенија, Шкотска и Шпанија, учествуваа претставници на државни органи од земјата – службени лица за посредување со пристапот до информации од јавен карактер.
Локалната перспектива за интеракцијата на трите закони со свои обраќања ја претставија претставници на Комисијата, на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Акцентот на излагањата на предавачите и на дискусиите во текот на работилницата беше ставен на постојаната легислатива и практика на работење во доменот на овозможување пристап до информации од јавен карактер и спроведување на процедурата за одбивање на барањата за пристап во случај кога станува збор за информации што подлежат на заштита.