Регионална конференција на националните безбедносни авторитети

Охрид, 24-25 април 2007 година

 

Во рамките на своите меѓународни активности и унапредување на соработката со своите хомолози од другите земји, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија беше домаќин на Регионалната конференција на национални безбедносни авторитети, што се одржа во Охрид, во периодот 24-25 април 2007 година.

Покрај претставниците на Канцеларијата за безбедност на НАТО, воени претставници од Советодавниот тим на НАТО, претставници од дипломатските тела и гости од институциите во Република Македонија, предводени од шефовите на националните безбедносни авторитети, на Конференцијата учествуваа делегации од земјите членки на НАТО: Р.Бугарија, Р.Словенија и Р.Унгарија, од земјите кандидати за членство во НАТО: Р.Македонија, Р.Албанија, како и делегати од новите членки на Партнерството за мир: Р.Србија и Р.Црна Гора. Структурата на присутни делегации и темите што беа предмет на презентациите и дискусиите ја зголемија можноста за размена на искуства заради подобрување на работата, чија цел е постигнување и одржување на стандардите во размената и ракувањето со класифицирани информации.

Можноста Р.Македонија да биде домаќин на една ваква средба уште еднаш ја потврди решеноста да се учествува како рамноправен партнер во градењето, одржувањето и унапредувањето на заемните односи со пријателските служби и меѓународните организации, давајќи го на тој начин својот придонес за одржување на мирот и безбедноста во регионот и пошироко.

Соработката во доменот на класифицираните информации е една од главните задачи во остварувањето на безбедносната политика на НАТО, што подразбира нивна стандардизирана безбедност и заштита. Таквите стандарди подразбираат одржливо спроведување на политиката на заштита на класифицирани информации, соодветно спроведување на процедурите за проверка на лица, баратели на безбедносни сертификати, постојана обука на персоналот што ракува со класифицираните информации и,  секако, вложувањето во стандардизирани информатички ресурси и персонал за ракување со нив.

Регионалната конференција се одвиваше во исклучително пријателска атмосфера на доверба и искрена желба да се помогне во оваа суптилна област, заради што посоодветна реализација на обврските произлезени од заедничкиот концепт на безбедност. Во прилог на заокружување на работата на Регионалната конференција на националните безбедносни авторитети, на  иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија беше предложена Декларација за подигање на нивото на односите и соработката на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот, што од учесниците на Конференцијата беше прифатена со акламација.