Скопје, 19 - 20 април 2016 година
На 19 и 20 април 2016 година во Скопје, со користење на TAIEX инструментот на Европската комисија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа работилница на тема „Прекумерната класификација на информациите во корелација со објективното препознавање на потребата за поседување безбедносен сертификат – најдобри практики и искуства“. На работилницата учествуваа 60-тина претставници на државни институции од Република Македонија во коишто се создаваат и се ракува со класифицирани информации, вклучувајќи ги и безбедносните служби што ги вршат безбедносните проверки за лицата што поднеле барање за издавање безбедносен сертификат.
Покрај презентациите на директорот и претставници на Дирекцијата, свои презентации на работилницата имаа и претставници на националните безбедносни авторитети на Република Словенија и на Кралството Шпанија, како и на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ.
Дискусиите што следуваа по секое излагање укажуваат на интересот што го предизвикаа презентациите, како и на подготвеноста на учесниците на работилницата за наоѓање решенија за проблемите што произлегуваат од прекумерната класификација и реалната потреба за поседување безбедносен сертификат.