Десетнеделно стажирање во Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија

Љубљана, 28 април – 3 јули 2015 година

 

Во периодот од 28 април до 3 јули 2015 година, претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (Национален безбедносен авторитет на Република Македонија) беше на десетнеделно стажирање во Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија, поддржан од Европскиот фонд за Балканот. За време на стажот тој ја проучуваше словенечката, но и НАТО и ЕУ правната рамка за заштита на класифицираните информации.
Претставникот учествуваше во сите работни активности што ги организираше или со коишто претседаваше Владината канцеларија, како и во оние во коишто учествуваше Канцеларијата, вклучувајќи ја и експертската конференција на тема „Дилемите и предизвиците при користењето дронови и нивната нормативна регулатива“, одржана во Националниот парламент и организирана од страна на Институтот за корпоративна безбедност. Тој стекна искуства во процесот на ракување со класифицирани информации преку следење презентации во Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана. Со цел подобра имплементација на проектот НБА Облак и НБА Форум, тој учествуваше во подготовката на прирачникот за употреба на англиски јазик. Дел од стажирањето беше и посетата на основната обука на полето на класифицираните информации и проучувањето на верзијата за учење на далечина на споменатите програми. Покрај редовната обука, претставникот посетуваше и успешно заврши 40 часови по словенечки јазик.
Следствено на тоа, на крајот од периодот на стажирање, словенечките домаќини и менторот заклучија дека целите на програмата за обука се исполнети и дека ангажманот на нашиот претставник во Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија придонел за побрза реализација на специфичните проекти со коишто раководи и ги координира Канцеларијата.