Прва средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Софија, 25-27 мај 2011 година

 

По иницијатива на Секретаријатот на Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Centre – RCC) на ЕУ и на Државната комисија за безбедност на информации на Република Бугарија, на 26 мај 2011 година во Софија се одржа Првата средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа, на тема „Регионалната соработка на полето на функционирањето на системите за заштита на класифицирани информации – практики и предизвици со коишто се соочуваат земјите од Југоисточна Европа“.

На средбата присуствуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора. На средбата во Софија присуствуваа и генералниот секретар на Советот за регионална соработка на ЕУ, г. Хидо Бишевич, заменик-директорот на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г. Дејвид Галовеј и заменик-директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО, г. Џузепе Бенаси. Улога на ко-претседавач на работниот дел од средбата имаше г. Ефрем Радев, висок експерт за безбедносни прашања во Советот за регионална соработка на ЕУ.

За време на официјалната програма и во текот на неофицијалните средби беа дискутирани повеќе прашања сврзани со функционирањето на системите за заштита на класифицирани информации во земјите од регионот, за проблемите со коишто се соочуваат, за практичните искуства од меѓусебната соработка, како и за потребата и можностите за унапредување на таквата соработка на регионално ниво. Средбата на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа беше оценета за корисна и за една од суштествените алатки којашто може да придонесе за унапредување на воспоставената соработка меѓу надлежните служби и за развој на иницијативи за безбедносна соработка меѓу земјите во регионот.

На маргините на средбата во Софија делегацијата на ДБКИ оствари билатерални средби со делегациите на националните безбедносни авторитети на Република Албанија, Република Србија и Романија. Притоа беше разговарано за прашања коишто се однесуваат на интензивирањето на веќе воспоставената соработка на билатерално ниво, како и за идните активности за отпочнување на билатерални преговори со земјите со коишто не е воспоставена таква соработка.

Воедно, беше разговарано и за заклучоците од Првата средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа и уште еднаш беше потврдена потребата од поголема регионална соработка на полето на функционирањето на системите за заштита на класифицирани информации, надополнета со иницијативи за меѓусебна договорна соработка и заедничка обука на стручниот персонал на надлежните служби.

Во завршниот документ од Првата средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа беше оценето за потребно истата да се одржува редовно, при што домаќин на идната средба ќе биде Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија. На таа средба ќе бидат утврдени конкретни чекори за евалуација на зададените теми за работа од првата средба.