Љубљана, 11-12 мај 2011 година
На 11 и 12 мај 2011 година во Љубљана, по покана на Националниот безбедносен авторитет (НБА) на Република Словенија, во Љубљана се одржаа билатерални разговори за имплементацијата на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за размена и заемна заштита на класифицирани информации, којашто беше потпишана на 31 март 2010 година во Скопје и влезе во сила на 1 јануари 2011 година.
За време на разговорите беа дискутирани повеќе прашања сврзани со практичната примена на одредбите од билатералната спогодба во меѓусебната соработка на надлежните служби на Република Македонија и на Република Словенија во доменот на заштитата на класифицираните информации и на процедурите за безбедносна проверка на корисниците на класифицирани информации. Притоа беа разменети мислења за можноста за давање т.н. меѓународна асистенција, односно правна помош при вршење на безбедносните проверки на своите државјани што живеат или работат во друга држава. Воедно, словенечката страна информираше и за своите активности во рамките на Мултинационалната работна група за индустриска безбедност (MISWG) и за нејзината иницијатива Република Македонија во најскоро време на добие статус на набљудувач по што би можела да стане и полноправна членка на работната група.
Исто така, во текот на разговорите двете страни споделија искуства и од својата соработка со другите земји од регионот и пошироко од Европа, при што разменија мислења и за можноста за информативно поврзување меѓу националните безбедносни авторитети на земјите од поранешните југословенски републики и пошироко од Балканот.