Посети

Посета на д-р Јохан Рехл на Република Македонија

Охрид 16-17 мај 2011 година

 

На 16 и 17 маj 2011 година, во посета на Република Македонија престојуваше д-р Јохан Рехл, претставник на Сојузното министерство за одбрана и спорт на Република Австрија. Посетата беше реализирана во насока на подготовките за одржување на првата Висока конференција на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство на Унијата, којашто ќе се одржи во периодот од 12 до 15 септември 2011 година во Охрид, во коорганизација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и на Европскиот колеџ за безбедност и одбрана, во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2011 година.

Посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија

Љубљана, 11-12 мај 2011 година

 

На 11 и 12 мај 2011 година во Љубљана, по покана на Националниот безбедносен авторитет (НБА) на Република Словенија, во Љубљана се одржаа билатерални разговори за имплементацијата на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за размена и заемна заштита на класифицирани информации, којашто беше потпишана на 31 март 2010 година во Скопје и влезе во сила на 1 јануари 2011 година.

Одложена посета на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија

Скопје, 4 мај 2011 година

 

Посетата на тимот на Владата на САД на Република Македонија, којашто првично беше најавена за почетокот на мај 2011 година, а потоа поместена за периодот од 9 до 13 мај 2011 година, е одложена по барање на тимот на САД заради нивни причини. Од Амбасадата на САД во Скопје најавија дополнително известување за нов термин за реализација на посетата во рамките на процесот за билатерални преговори за склучување генерален договор за размена на класифицирани информации во делот на одбраната меѓу Република Македонија и САД.

Средба во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ

Брисел, март 2011 година

 

Кон крајот на март 2011 година во Брисел, на покана на раководителите на секторите за информатичка безбедност и за безбедносна комуникација во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г-дин Улрих Ван Есен и г-дин Себастијан Леоне, а во присуство на г-дин Стефан Витман, вработен во Секторот за информатичка безбедност, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), оствари средба и разговори сврзани со новите безбедносни правила на ЕУ донесени по Лисабонскиот договор, во однос на билатералната спогодба со ЕУ за размена на класифицирани информации и безбедносните аранжмани за нејзино спроведување.

Средба со новиот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО

Брисел, март 2011 година

 

На барање на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), кон крајот на март 2011 година, во Брисел беше остварена средба и разговори со новиот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО, г-дин Стефан Смит и со д-р Џузепе Бенаси, раководител на Одделот за политика. Притоа беше разговарано за актуелни прашања сврзани со функционирањето на ДБКИ, исполнувањето на Партнерската цел Г 0360И, како и за тековните активности во 2011 година. Од страна на директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО беше посочено дека добрата соработка и поддршката на ДБКИ продолжуваат и во иднина и дека од сите досегашни извештаи произлегува дека ДБКИ остварува напредок во својата работа сврзана со НАТО класифицираните информации.

Подготовки за посета на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија во мај 2011 година

Скопје, март 2011 година

 

Во рамките на активностите за влегување во договорна соработка со САД во доменот на размената и заштитата на класифицираните информации, во тек се подготовките за посетата на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија којашто ќе се реализира во периодот од 2 до 6 мај 2011 година.

Оваа посета ќе претставува реализација на втората фаза од процедурата на билатерални преговори меѓу Република Македонија и САД за склучување генерална спогодба за размена на класифицирани информации во делот на одбраната.

Средба со делегација од Црна Гора

Скопје, април 2009 година

 

На покана на Директорот на ДБКИ во април 2009 година беше реализирана средба и разговори на петочлена делегација на Дирекцијата за заштита на тајни податоци на Црна Гора. На гостите им беа пренесени знаењата и искуствата од досегашната работа на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Воедно, со воспоставените контакти од највисоко, директорско ниво до ниво на експерти се отворија можности за поблиска соработка меѓу двете дирекции.

Посета на претставник од САД

Скопје, март 2009 година

 

По иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) за отпочнување преговори за потпишување билатерална спогодба за размена и заштита на класифицирани информации меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, во март 2009 година, во дводневна официјална посета на Дирекцијата беше г-дин Питер Батен, директор на Одделот за меѓународни безбедносни програми во Канцеларијата на Потсекретарот за одбрана на САД за политика.

Работна посета

Брисел, јануари 2009 година

 

Во јануари 2009 година, претставници на Дирекцијата беа во работна посета на Советот на Европската унија во Брисел, на покана на Канцеларијата за безбедност на Советот.

ДБКИ во НАТО

Скопје, декември 2008 година

 

Како носител на дел од Акциониот план за членство во НАТО во делот што се однесува на безбедносните прашања, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации има ангажмани во тела за интеграции во НАТО, како што е Комитетот за НАТО интеграции.

Претставници на Дирекцијата земаат активно учество и во работата на Работната група за надворешна безбедносна и одбранбена политика под раководство на Секторот за европски прашања, со особен ангажман во изработката на Глава 31 од НПАА.

Syndicate content