Која е постапката за издавање на безбедносни сертификати?

 

Согласно Законот за класифицирани информации, лицата кои работат со класифицирани информации потребно е да имаат безбедносен сертификат од соодветен вид и степен со цел задоволување на условите од доменот на персоналната безбедност при работа со класифицирани информации.

Секој државен орган потребно е да изработи систематизација на работните места во која јасно ќе наведе за која позиција каков безбедносен сертификат е потребен. За лицата кои ќе аплицираат за некое работно место за кое е потребно поседување безбедносен сертификат, или веќе работат на таква позиција, потребно е да се спроведе постапка за издавање соодветен безбедносен сертификат.

Постојат два вида безбедносни сертификати што ги издава Дирекцијата, и тоа: безбедносен сертификат за физичко лице и безбедносен сертификат за правно лице. Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, НАТО или со ЕУ класифицирани информации.

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални безбедносни сертификати до највисокиот степен „Државна тајна“. За НАТО И за ЕУ класифицирани информации Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава безбедносни сертификати до степен „Строго доверливо“, со оглед на потпишаните договори на билатерална основа помеѓу Република Македонија и НАТО, односно Република Македонија и ЕУ.

 

КАКО ДА СЕ ДОБИЕ БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ?

За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирани информации.

За да отпочне постапката за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на овластеното лице, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето задолжително е да бидат приложени и:

  • безбедносен прашалник;
  • изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;
  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и
  • биографија.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат што ќе биде доставено до Дирекцијата, од страна на овластените лица, мора јасно да биде наведено за каков вид и степен на безбедносен сертификат се однесува барањето.

За издавање безбедносен сертификат со степен:

  • Државна тајна – се пополнува безбедносен прашалник Образец „А“;
  • Строго доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Б“;
  • Доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „В“;
  • Интерно – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Г“.

Кандидатот своерачно ги пополнува безбедносниот прашалник и изјавата, при што треба да се внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и тој нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.

Кандидатот за добивање безбедносен сертификат задолжително ги потполнува и ги потпишува безбедносниот прашалник и изјавата со која се согласува да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку безбедносниот прашалник и изјавата не бидат потпишани, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

Доколку при учество на некоја активност (семинари, курсеви, состаноци и сл.) надвор од Република Македонија се бара безбедносен сертификат, тогаш Дирекцијата, по барање на надлежниот орган, ќе издаде извод од НАТО или од ЕУ безбедносните сертификати за вработените во тој орган. Во барањето за извод од безбедносниот сертификат треба да се наведе датумот или периодот на одржување на активноста и називот на активноста. Во прилог на барањето треба да се достави фотокопија од важечка патна исправа.

Извод од безбедносен сертификат се издава врз основа на претходно издаден изворник. Степенот на изводот е еднаков на степенот на изворникот. Изводот од националниот безбедносен сертификат се врачува на кандидатот, а изворникот останува во Дирекцијата и кај органот во којшто е вработен кандидатот.