Интегриран курс за земји Партнери (IPOC)

Рим, 17-21 октомври 2016 година

 

На Интегрираниот курс за земји Партнери (IPOC) што се одржа во периодот од 17-21 октомври 2016 година во НАТО Колеџот во Рим, Италија, учествуваше и претставник на Дирекцијата. Акцентот на обуката беше ставен на унапредување на знаењето на учесниците за НАТО, за нејзината улога и приоритети, за нејзината внатрешна структура и организација, за нејзините мисии, како и за нејзините надворешни односи со земјите партнери и меѓународните организации. Во дискусиите беше посветено внимание и на начините на коишто секој од овие елементи се развива како резултат на промените и на новите предизвици во меѓународното безбедносно опкружување.

Обука за Европска безбедносна и одбранбена политика на ЕУ

Скопје, модул на електронско учење на далечина, август- септември

Брисел, Ориентационен курс, 5-9 септември, 2016 година

Сараево, Рефлективен семинар, 3-6 октомври, 2016 година

 

Претставник на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваше на 10-от циклус на обуки од областа на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ наменета за земјите членки од процесот на Стабилизација и Асоцијација. Организирана во рамките на ТАИЕХ инструментот за претпристапна помош на Европската комисија и поддржана од Европскиот колеџ за безбедност и одбрана, програмата имаше за цел оспособување на претставници од државните органи на земјите од Западен Балкан во областа на Европската безбедносна и одбранбена политика.

Учество во обуки за ЕУ интеграција (твининг проект MK 10 IPA OT 02 04)

Скопје, септември-октомври 2016 година

 

Во рамките на твининг проектот МК 10 IPA OT 02 14 „Понатамошно зајакнување на организациските и институционалните капацитети за процесот на европската интеграција“, претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа учество на повеќе обуки за ЕУ интеграција. Согласно планот и организацијата на Секретаријатот за европски прашања, обуките беа спроведени од страна на експерти од Хрватска, Полска и Германија, како и од Секретаријатот за европски прашања и од Секретаријатот за законодавство од Македонија.

Шеста конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA)

Подгорица, 29 септември 2016 година

 

На 29 септември 2016 година во Подгорица, Република Црна Гора, се одржа Шестата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата, чиј ко-претседавач беше генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка на ЕУ (RCC), г. Горан Свиларевиќ, учествуваа делегации на националните безбедносни авторитети од Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора.

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Италија

Рим, 27-29 септември 2016 година

 

Во периодот од 27-29 септември 2016 година тројца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Италија, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија. Целта на оваа студиска посета беше размената на искуства и стекнување нови знаења од доменот на физичката безбедност на класифицираните информации и безбедноста акредитација на комуникациско-информатичките системи низ коишто се процесираат класифицирани информации.

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Естонија

Талин, 23-25 август 2016 година

 

Во периодот од 23-25 август 2016 година, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија, беше реализирана TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Естонија. Тројца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја реализираа посетата со цел да разменат искуства и стекнат нови сознанија од доменот на сајбер безбедноста, со акцент на законската рамка, на моделите за практична соработка во регионален и меѓународен контекст, како и на научените лекции и применливи решенија во справувањето со новите предизвици.

Спогодба со Романија

Букурешт, 04 август 2016 година

 

На 4 август 2016 година во Букурешт, Романија, беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша д-р Александар Нацев, директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Романија, Спогодбата ја потпиша д-р Мариус Петреску, генерален директор на Националниот регистар за класифицирани информации. На церемонијата на потпишување на спогодбата присуствуваше и г. Панде Лазаревски, амбасадор на Република Македонија во Романија.
За време на средбата беше разговарано за постојните билатерални релации меѓу двете земји и за новите можности за уште поголема соработка во области од чувствителен карактер коишто се создаваат со потпишувањето на спогодбата.

ТAIEX Експертска мисија во соработка со НСА на Република Словенија

Скопје, 14 - 16 јуни 2016 година

 

Во периодот од 14 до 16 јуни 2016 година претставници на Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации (НСА) на Република Словенија престојуваа во Скопје во експертска мисија, поддржана од TAIEX инструментот на Европската комисија.
Целта на експертската мисија беше пренесување на словенечките знаења и научени лекции од доменот на индустриската безбедност, стекнати во рамките на членството во ЕУ и НАТО, и размена на стекнатите искуства на двете земји сврзани со безбедносните проверки на правните лица, со издавањето соодветни безбедносни сертификати на компаниите што учествуваат на класифицирани тендери, со активностите за подигање на безбедносната свест кај истите, како и со повеќе други прашања од сферата на индустриската безбедност. Притоа беа разгледани и практични примери и беа дискутирани можни решенија за предизвиците со коишто се соочуваат и двете земји во доменот на постојната регулатива, безбедносните процедури и инспекцискиот надзор сврзани со индустриската безбедност на класифицираните информации.

Спогодба со Италијанската Република

Скопје, 27 мај 2016 година

 

На 27 мај 2016 година во Скопје беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша министерот за надворешни работи Никола Попоски, а во име на Владата на Италијанската Република, Спогодбата ја потпиша Н.Е. Амбасадор Ернесто Масимино Белели. За време на средбата билатералните релации меѓу двете земји беа оценети како одраз на заемна почит и пријателство и беше констатирано дека во изминатите две децении односите меѓу Македонија и Италија бележат континуиран развој.

Билатерални разговори со Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург

Скопје, 5 мај 2016 година

 

По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), на 5 мај 2016 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург.
Целта на состанокот беше заемно запознавање и утврдување на потребите за влегување во договорна соработка во доменот на безбедноста на класифицираните информации меѓу владите на двете земји. Притоа, акцентот беше ставен на организациската поставеност, структурата и надлежностите на службите во двете земји, како и на можноста за реализација на билатералните преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации во првата половина на наредната година.
Делегацијата на Луксембург воедно одржа и кратка демонстрација на новиот концепт на електронски систем за работа со класифицирани информации до степен „интерно“ со целосно имплементирани мерки на безбедност и селективен пристап што бил развиен за потребите на луксембуршкото претседавање со ЕУ.

Syndicate content