Средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност

Брисел, 12 март 2015 година

 

На 12 март 2015 година во Седиштето на НАТО во Брисел, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се сретна со директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО. Целта на средбата беше заемно запознавање, информирање за тековните активности и за плановите за натамошен развој на Дирекцијата, како и за перспективите за поблиска соработка меѓу двете служби.

Именување нов директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации

Скопје, 20 јануари 2015 година

 

На 20 јануари 2015 година Владата на Република Македонија донесе Решение бр. 24-640/1 од 20.01. 2015 година за именување директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации

Спогодба со Кралството Шпанија

Мадрид, 5 ноември 2014 година

 

На 5 ноември 2014 година во Мадрид, Шпанија, е потпишана Спогодбата меѓу Шпанската влада и Македонската влада за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Македонската влада Спогодбата ја потпиша г.Слободан Чашуле, македонски амбасадор во Кралството Шпанија, а во име на Шпанската влада, Спогодбата ја потпиша г.Феликс Санз Ролдан, државен секретар, директор на Националниот центар за разузнавање на Кралството Шпанија.

Прв состанок на тематската работна група на SEENSA за сајбер одбрана

23 октомври 2014 година, Белград

 

Македонска делегација, составена од двајца претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација, учествуваше на првиот состанок на тематската работна група на SEENSA за сајбер одбрана што се одржа во Белград, на 23 октомври 2014 година, во коорганизација на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на класифицирани информации при Владата на Република Србија и Регионалниот совет за соработка на ЕУ. На состанокот, делегацијата ги презентираше актуелните состојби и законските прописи во доменот на сајбер одбраната во Република Македонија.

Конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“

20-23 октомври 2014 година, Сараево

 

Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на првата конференција на тема „Индустриска безбедност и безбедносни проверки“ што се одржа во Сараево, во периодот од 20 до 23 октомври 2014 година, во организација Секторот за заштита на тајни податоци - Државен безбедносен орган при Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина. Тие на конференцијата ги презентираа актуелните состојби и планови за развој во доменот на индустриската безбедност на класифицирани информации во Република Македонија.

Рефлективен семинар за ЗБОП

6-9 октомври 2014 година, Скопје

 

Во периодот од 6-9 октомври 2014 година во Скопје се одржа Рефлективниот семинар за Заедничка надворешна политика (ЗБОП) на ЕУ со што беше заокружен циклусот обуки за 2014 година во рамките на Програмата за обука за ЗБОП наменета за земјите членки на Процесот за стабилизација и асоцијација. Реализацијата на циклусот обуки за ЗБОП оваа година за прв пат беше поддржан од TAIEX инструментот на Европската комисија. Обуката ја спроведе Европскиот колеџ за безбедност и одбрана (ЕКБО), а twinning партнери и коорганизатори на семинарот во Скопје беа Министерството за одбрана и спорт на Република Австрија, како еден од иницијаторите на програмата за обука, и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, со поддршка на Министерството за одбрана на Република Македонија.

Потпишана Спогодба со Унгарија

Скопје, 3 јули 2014 година

 

На 3 јули 2014 година во Скопје е потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Унгарија, Спогодбата ја потпиша г. Михали Зала, директор на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија.

Состанок со Европската одбранбена агенција (ЕОА)

Брисел, 1 јули 2014 година

 

На 1 јули 2014 година во Брисел беше одржана првата средба со претставници на Европската одбранбена агенција (ЕОА) организирана по иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за отпочнување преговори за склучување Меморандум за соработка помеѓу ДБКИ, Министерството за одбрана на Република Македонија и Европската одбранбена агенција (ЕОА).
На средбата беше изразен интересот за соработка во доменот на сајбер одбраната, индустриската безбедност на класифицирани информации и одредени области сврзани со развојот на одбраната во Република Македонија.

Билатерални преговори со Романија

Скопје, 23-24 јуни 2014 година

 

По покана на шефот на Делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, на 23-24 јуни 2014 година во Скопје се одржаa билатерални преговори со делегација на Националниот безбедносен авторитет на Романија за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на двете држави.
Работната средба на двете делегации е прва фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодбата.

Подготвителна обука за полагање на ТОЕФЛ

Скопје, јуни 2014 година

 

Во периодот од 19.05 до 12.06. 2014 година, во просториите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се одржа подготвителна обука за полагање на ТОЕФЛ тестот по англиски јазик наменета за вработените во Дирекцијата. Обуката беше спроведена во соработка со Indiana Weslеyаn University од Соединетите Американски Држави, а истата беше реализирана од страна на професорките Кејла Бејлс и Рејчел Гаглиардо, под менторство на професорката Рашел Нил.

Syndicate content