Спогодба со Република Франција

Скопје, 5 јули 2010 година

 

На 5 јули 2010 година во Скопје беше потпишана Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Француската Република за размена и заемна заштита на класифицирани информации.

По овластување на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, во име на Владата на Република Македонија, спогодбата ја потпиша г-дин Зоран Коњановски, министер за одбрана на Република Македонија. Во име на Владата на Република Франција, спогодбата ја потпиша Н.Е. г-дин Жан-Клод Шлумберже, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.

Спогодба со Република Словенија

Скопје, 31 март 2010 година

 

На 31 март 2010 година во Скопје беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.

По овластување на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша в.д. директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Ден на дрвото

Скопје, 30 март 2010 година

 

На 30 март 2010 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации работно беше одбележан Денот на дрвото при што беа засадени шест садници. Воедно беше спроведена и акција за средување на дворното место на Дирекцијата којашто вклучи косење на тревата на површина од повеќе од 1000 квадрати, чистење и обновување на жардињери со сезонски цвеќиња.

Заврши НАТО вежбата CMX - 2009

Скопје, 10 март 2010 година

 

Денес заврши здружената симулациона НАТО вежба – CMX 2009 во којашто Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации зеде активно учество со свои претставници вработени во Мисијата на Република Македонија при НАТО во Брисел и во Дирекцијата во Скопје, коишто беа поврзани со централниот штаб за вежбата лоциран во Центарот за управување со кризи.
Оценките за ефектите од вежбата и подготвеноста на учесниците ќе бидат соопштени на состанокот што денес попладне ќе се одржи во Седиштето на НАТО во Брисел, по што истите официјално ќе бидат доставени до сите учесници во вежбата.

Инспекција од НАТО

Скопје, 03-05 март 2010 година

 

Во периодот од 03-05 март 2010 година, како дел од редовните инспекции на Канцеларијата за безбедност на НАТО врз работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во посета на Република Македонија престојуваа г-дин Роберт Кајл и г-дин Јозеф Холубик, претставници на НАТО Канцеларијата за безбедност (NOS), како дел од МАП тимот од НАТО кој вршеше оценка на подготовките на Република Македонија за членство во НАТО. По извршената инспекција во сите домени на работата на Дирекцијата, претставниците на NOS дадоа високи оценки за истата, како и за напорите што ги вложува Дирекцијата за нејзино унапредување.

Вежба ,,CMX – 2009“

Скопје, 04-10 март 2010 година

 

Во периодот од 04 до 10 март 2010 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во рамките на своите законски надлежности, ќе учествува во заедничката симулациона НАТО вежба – ,,CMX 2009’’, чијшто носител е Центарот за управување со кризи. На вежбата во доменот на кризниот менаџмент ќе земат учество околу стотина претставници од државните органи и институциите на Република Македонија определени со Одлука на Владата на Република Македонија бр.51-913/1 од 16 февруари 2010 година.

Спортски ден

Скопје, 18 февруари 2010 година

 

На 18 февруари 2010 година беше одбележан денот на „Меѓународниот совет за воени спортови“ во организација на Армијата на Република Македонија.

На покана на командантот на Касарната „Гоце Делчев“, со цел промовирање на здравјето и физичката активност на вработените од сите институции коишто се лоцирани во Касарната, претставници од Дирекцијата учествуваа во спортските дисциплини мал фудбал со една екипа (10 учесници) и пинг понг (2 учесници). Во натпреварот на двојки во пинг понг, екипата на Дирекцијата го освои третото место.

Усогласување текст на спогодба со Француската Република

Скопје, 15-17 февруари 2010 година

 

Во периодот од 15 до 17 февруари 2010 година во Скопје, по покана на шефот на Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави,се одржа втората фаза од билатералните преговори за склучување спогодба за размена и реципрочна заштита на класифицирани информации меѓу владите на Република Македонија и на Француската Република. Во оваа втора фаза од билатералните преговори беше усогласена претходно договорената верзија на текстот на спогодбата, при што беа усогласени и последните експертски отворени прашања. Во тек се процедурите во двете земји за одобрување на конечната верзија на текстот на спогодбата, по што ќе следува нејзино потпишување.

Редизајн на веб-страницата на ДБКИ

Скопје, 30 декември 2009 година

 

На 30 декември 2009 година официјално беше промовирана редизајнираната веб-страница на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Проектот за редизајнирање на веб-страницата, којшто траеше два месеци, го изработи тим на информатичари од Дирекцијата.

Издадени безбедносни сертификати во 2009 година

Скопје, декември 2009 година

 

Во 2009 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за лица вработени во државните органи и институции издаде вкупно 4829 безбедносни сертификати, од кои национални - 3443; НАТО - 795 и ЕУ – 591. Воедно, Дирекцијата издаде и 1 дозвола за пристап до национални класифицирани информации за 1 странски државјанин.

Од областа на индустриската безбедност, Дирекцијата издаде 343 национални безбедносни сертификати, како и 3 НАТО безбедносни сертификати.

Syndicate content