Нов термин за билатералните преговори со Италија

Скопје, февруари 2012 година

 

Поради временските услови, на барање на италијанската страна, втората фаза од билатералните преговори меѓу делегациите на Република Македонија и на Република Италија за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации, што требаше да се реализира во периодот од 20 до 22 февруари 2012 година во Скопје, ќе се одржи во април 2012 година. Новиот термин ќе биде дополнително утврден.

TAIEX работилница

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

На 13-14 март 2012 година во Скопје Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во рамките на TAIEX програмата на Европската комисија ќе одржи работилницата на тема „Критериуми, мерки и стандарди за физичка безбедност на класифицирани информации во државните органи, јавните претпријатија и приватните компании“.

Поканетите учесници тука можат да го пополнат формуларот во електронска верзија и да го испратат на e‑mail адресата на Дирекцијата direkcija@dbki.gov.mk до наведениот рок.

Билатерални преговори со Србија

Скопје, 5-6 март 2012 година

 

Во Скопје на 5 и на 6 март 2012 година ќе се одржи средба на делегациите на Република Македонија и на Република Србија за водење преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации на којашто ќе започнат билатерални преговори за усогласување на текстот на спогодбата.

Втора фаза билатерални преговори со Италија

Скопје, 20-22 февруари 2012 година

 

Во периодот од 20 до 22 февруари 2012 година во Скопје, по покана на шефот на Делегацијата за водење преговори на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, ќе се одржи втората фаза од билатералните преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации на меѓу Владата на Република Македонија Владата на Италијанската Република. Во оваа втора фаза од билатералните преговори се очекува да се заокружат преговорите за финалниот текст на спогодбата, по што би отпочнала процедурата за одобрување на текстот од страна на Владата на Република Македонија.

Иницијатива за обука за класифицирани информации

Варшава, 6-8 ноември 2011 година

 

На покана на Националниот безбедносен авторитет на Република Полска, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе учествува на Конференцијата на земјите од Вишеградскaта група посветена на стандардите за заштита на класифицирани информации со наслов „Иницијатива за обука за класифицирани информации“ што ќе се одржи во периодот од 6 до 8 ноември 2011 година во Варшава.

Билатерални преговори со Националниот безбедносен авторитет на Италијанската Република

20-21 септември 2011, Рим

 

На иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а по покана на Националниот безбедносен авторитет на Италијанската Република, на 20-21 септември 2011 година во Рим се одржа првата фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за размена и заемна заштита на класифицирани информации. Преговорите коишто резултираа со договорена прва верзија на текстот на спогодбата, се одвиваа во конструктивна атмосфера пришто беа разменети досегашните искуства на двете дирекции во доменот на заштитата на класифицираните информации.

Висока конференција: Безбедносната политика на Европа – дипломатија, одбрана и развој

12-15 септември 2011, Охрид

 

Во периодот од 12 до 15 септември 2011 година во Охрид се одржа конференција под наслов „Висока конференција: Безбедносната политика на Европа – дипломатија, одбрана и развој“. Конференцијата се одржа во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација за 2011 година, во коорганизација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Европскиот колеџ за безбедност и одбрана (ЕКБО), при што Австрија, како еден од иницијаторите на програмата за обука, беше twinning партнер за овој настан.

Состанок меѓу Република Македонија и Политичкиот и Партнерскиот комитет на НАТО за ПАРП проценката 2011 година

Брисел, 14 јуни 2011 година

 

На 14 јуни 2011 година во Седиштето на НАТО во Брисел се одржа состанокот меѓу Република Македонија и Политичкиот и Партнерскиот комитет на НАТО за ПАРП проценката 2011 година со којшто се заокружува 12-иот циклус од подготовките на Република Македонија за членство во НАТО.

На состанокот, на којшто присуствуваше и директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, беше оценето дека ПАРП документот е изработен добро и дека дава јасна слика за напредокот на државата. Конечниот писмен извештај за остварениот напредок во подготовките на Република Македонија за членство во НАТО наскоро се очекува и официјално да биде доставен до државата, по што ќе претставува една од основите врз којашто ќе се базираат активностите од 13-иот циклус на подготовки на Република Македонија за членство во Алијансата.

Нов термин за посетата на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија

Скопје, 30 мај 2011 година

 

Посетата на тимот на Владата на САД на Република Македонија, којашто беше најавена за периодот од 9 до 13 мај 2011 година, ќе се реализира во периодот од 20 до 24 јуни 2011 година. Во рамките на процесот за билатерални преговори за склучување генерален договор за размена на класифицирани информации во делот на одбраната меѓу Република Македонија и САД, посетата на преговарачкиот тим на САД ќе биде искористена за остварување повеќе работни средби со претставници на надлежните служби во Република Македонија и за посета на компанија што се занимава со наменско производство за потребите на одбраната.

Прва средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Софија, 25-27 мај 2011 година

 

По иницијатива на Секретаријатот на Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Centre – RCC) на ЕУ и на Државната комисија за безбедност на информации на Република Бугарија, на 26 мај 2011 година во Софија се одржа Првата средба на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа, на тема „Регионалната соработка на полето на функционирањето на системите за заштита на класифицирани информации – практики и предизвици со коишто се соочуваат земјите од Југоисточна Европа“.

Syndicate content