Инспекција од страна на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS)

Скопје, 7 до 10 мај 2012 година

 

Во периодот од 7 до 10 мај 2012 година, во рамките на посетата на МАП тимот на НАТО на Република Македонија, беше спроведена инспекција од страна на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS) на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и на регистрите за класифицирани информации лоцирани во министерставата и во другите државни органи. Резултатите од инспекцијата претставуваат утврдување на развојот и на степенот на заштита на НАТО класифицираните информации во Република Македонија од претходната инспекција и ќе влезат во финалниот извештај на НАТО за реализацијата на Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО. Од страна на инспекторот на NOS состојбата првично беше позитивно оценета и беа дадени нови документи за понатамошен развој на информатичката безбедност на класифицираните информации.

Иницијатива за билатерални преговори со Националниот безбедносен авторитет на Кралството Шпанија

мај 2012 година

 

Во рамките на SEENSA конференцијата што се одржа во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, делегацијата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија одржа билатерална средба со директорот на Националниот безбедносен авторитет на Кралството Шпанија. На средбата беше разговарано за покренатата иницијатива за влегување во договорна соработка на владино ниво во доменот на заштитата на класифицираните информации, при што беше договорено билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодбата за размена и заемна заштита на класифицирани информации да започнат во почетокот на октомври 2012 година.

Билатерална средба со Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија

Брдо, мај 2012 година

 

На маргините на Втората конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA) што се одржа во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, делегацијата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија оствари билатерална средба со Владината канцеларија за заштита на класифицирани информации на Република Словенија. На средбата се активира повисоко ниво на соработка меѓу националните безбедносни авторитети на двете земји преку заеднички проект за нивно електронско поврзување. Првичните ефекти од иницираниот проект се очекуваат веќе во септември 2012 година.

Билатерални средби во рамките на SEENSA

Брдо, мај 2012 година

 

Во рамките на Втората конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA) што се одржа во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, делегацијата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија оствари повеќе билатерални средби и размени искуства во врска со ракувањето и заштитата на класифицирани информации. Притоа беа покренати иницијативи за поинтензивна соработка со националните безбедносни авторитети Кралството Велика Британија, со Романија и со Република Молдавија. На тој план, во наредниот период ќе следат поконкретни активности.

Во однос на потребите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во билатералните средби поддршка и конкретна помош во доменот на обуката понудија и националните безбедносни авторитети на Република Бугарија и на Унгарија преку примена на инструментите на ЕУ TAIEX и твининг проект, преку ИПА фондовите итн.

Втора конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Брдо, 7-9 мај 2012 година

 

Во периодот од 7 до 9 мај 2012 година во Република Словенија, на Брдо, се одржа Втората конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и генералниот секретар на Советот за регионална соработка на ЕУ (RCC), г. Хидо Бишевиќ, заменик-директорот на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г. Дејвид Галовеј и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

Средба со Претседателот на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Скопје, 23 април 2012 година

 

На 23 април 2012 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се одржa средба со Претседателот на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија, г. Михали Зала којшто претстојуваше во работна посета на Република Македонија во рамките на посетата на високата делегација од Министерството за јавна администрација и правда на Унгарија предводена од државниот секретар д-р Марсел Биро.
Средбата во Дирекцијата беше искористена за размена на искуствата од заемната соработка во рамките на организираните активности со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија, при што унгарската делегација даде иницијатива и поддршка за учество во twinning и TAIEX активности по избор на Дирекцијата. Воедно, на средбата двете страни го потврдија интересот и својата подготвеност за скоро започнување билатерални преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на двете земји.

Известување за промена на адреса на Дирекцијата

март 2012 година

 

Врз основа на известувањето на Град Скопје – Сектор за комунални работи, во согласност со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, органите на државната управа што досега биле нумерани со букви (бб) сега се со нова нумерација. Оттука, од 15 март 2012 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се води на адреса ул. „Ангел Димовски“ бр. 8 (Касарна „Гоце Делчев“), 1000 Скопје. Другите податоци за контакт остануваат исти.

TAIEX работилница

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

На 13-14 март 2012 година во Скопје се одржа работилницата на тема „Критериуми, мерки и стандарди за физичка безбедност на класифицирани информации во државните органи, јавните претпријатија и приватните компании“. Работилницата беше организирана во соработка со Европската комисија од Брисел, во рамките на TAIEX инструментот.

Претседавач на работилницата беше директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а презентери беа експерти за физичка безбедност на националните безбедносни авторитети на Кралството Шпанија, на Словачката Република, на Ребулика Унгарија и на Република Кипар: г. Хавиер Лугедо Калдерон, г. Петер Гребач, г-ца Софија Сабо и г. Илиас Хацикумис.

Билатерални преговори со Република Србија

Скопје, 5-6 март 2012 година

 

На покана на шефот на делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 5 и на 6 март 2012 година во Скопје престојуваше делегација на Канцеларијата на Советот на за национална безбедност на Република Србија, предводена од директорот, г. Горан Матиќ. Целта на посетата беше усогласување на текстот на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за размена и заемна заштита на класифицирани информации. Преговорите што резултираа со договорен текст на спогодбата се одвиваа во мошне конструктивна и пријателска атмосфера.

Програма за TAIEX работилницата

Скопје, 13-14 март 2012 година

 

Програмата можете да ја преземете тука

Syndicate content