Рефлективен семинар за ЗБОП

6-9 октомври 2014 година, Скопје

 

Во периодот од 6-9 октомври 2014 година во Скопје се одржа Рефлективниот семинар за Заедничка надворешна политика (ЗБОП) на ЕУ со што беше заокружен циклусот обуки за 2014 година во рамките на Програмата за обука за ЗБОП наменета за земјите членки на Процесот за стабилизација и асоцијација. Реализацијата на циклусот обуки за ЗБОП оваа година за прв пат беше поддржан од TAIEX инструментот на Европската комисија. Обуката ја спроведе Европскиот колеџ за безбедност и одбрана (ЕКБО), а twinning партнери и коорганизатори на семинарот во Скопје беа Министерството за одбрана и спорт на Република Австрија, како еден од иницијаторите на програмата за обука, и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, со поддршка на Министерството за одбрана на Република Македонија.
Рефлективниот семинар за ЗБОП го следеа триесетина учесници од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора. Директор на семинарот беше д-р Јохан Рехл од ЕУ (European External Action Service), а гости експерти беа д-р Ања Опиц од Германија (Academy for Political Research and Education, Tutzing), Ен Мари Пин Рот од Данска (Roskilde University), Херберт Роман Целер од Австрија (здружена команда на Вооружените сили на Австрија) и Томас Ренард од Белгија (Egmont Institute). Учесниците на семинарот дискутираа за релевантни теми од областа на безбедносната политика на Европа во работни групи со примена на методот за анализа SWOT (strengths, weaknesses, opportunities, threats), односно вршеа анализа на аргументите што ја карактеризираат силната страна на дадената тема, нејзините слабости, можностите за напредување и заканите по нејзината успешност. За успешно завршување на циклусот обуки за ЗБОП во 2014 година, на учесниците на Рефлективниот семинар им беа врачени сертификати потпишани од комесарот за надворешна политика и безбедност на ЕУ.